Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Прашањето ми е следно“ на порталот „Инфомакс,“ изјави дека владата на СДСМ го презадолжила народот, укажувајќи дека јавниот долг на државата пораснал за 61 процент од БДП.

Долгот на државата порасна некаде над 61 – 62 проценти и тој уште повеќе ќе расте. Е сега да зборуваме за бројките, а да зборуваме за бројките треба да ги знаете фактите. Вие имате една ситуација кога самиот министер за финансии вели ако не беше интервенцијата на Владата со оние таканаречени антикризни мерки во економијата, тогаш падот немаше да биде во првите три квартала 5,9 проценти туку ќе беше 7,1 процент од БДП. Што би значело тоа? Ако од прилика на крајот од годината БДП, тоа е се она што произведуваат македонските граѓани, изнесува нешто помалку од 11 милијарди евра, разликата од 1, 2 проценти би значела некаде околку 120, 130 милиони евра. За да ги заштедат овие 120, 130 милиони евра тие потрошија повеќе од половина милијарда, а ја задолжија државата само за еден кавртал една милијарда – изјави Мицкоски.

Тој додаде ако тие вака дома се однесуваат со сопствениот дом и со сопственото семејство тогаш нема да можат од први до први да го завршат месецот, а камо ли понатаму.

Мицкоски изјави дека граѓаните не може да очекуваат ништо од владата на СДСМ, бидејќи и покрај најавите од 2016 година доколку дојдат на власт ќе ги исполни дадените ветувања за реформи и проекти, сега го прави сосема спротивното. Како што истакна Мицкоски, луѓето од власта се добри само да направат некоја интрига или бизнис и да земаат некој процент.

Сета онаа кампања на СДСМ до 2016 година која што велеше дека ако формира влада и дојде на власт дека ќе ја спроведе на дело, денеска е спротивно. Јас не го гледам бројчаникот, не гледам чист воздух, не гледам вода, не гледам 500 километри автопат, не гледам реформирано образование, напротив гледам руинирано, не гледам реформиран здравствен систем напротив гледам руиниран,  не гледам инвестиции во енергетиката, не гледам реформирано правосудство, напротив гледам комплетно заробено правосудство што е основен симбол за заробена држава. Тоа е капацитетот на оваа структура на политичари коишто се во владата, немаат они поголем капацитет и никој не може да очекува да имаат капацитет. Тие се добри да направат интрига, да направат некое бизнисче, да земат некој процент, тоа е начинот на кој овие луѓе функционираат и ние не можеме како граѓани, еве четири години гледаме како тие функционираат, да очекуваме нешто поинаку, затоа што е невозможно, тоа е матрица – истакна Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.