Доколку зборуваме за истите оние политичари кои што ја креираа најголемата политичка лага наречена живот, тогаш можете да замислите на што се темелат овие брифинзи, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за споредбата на СДСМ кои велат дека ВМР0-ДПМНЕ потрошиле 700 милиони евра за проектот „Скопје 2014“, а тие за две и пол години вложиле во автопатишта околу 800 милиони евра.
Ајде ќе ги земеме капиталните инвестиции во 2019 година и ќе споредиме со она кое што како документ не успеа да помине на последната владина седница, а е наречен „буџет за 2020 година“. На почетокот од 2019 година, капиталните инвестиции беа предвидени на ниво од 26 милијарди и 950 милиони денари ако не се лажам, за да веднаш потоа за време на ребалансот скратат некаде околу 50-тина милиони евра или 3.1 милијарда и денеска тие паднат на нивото од 23 милијарди и 700 и нешто милиони денари. Но, она што е уште потрагично, е што заклучно со септември, а тоа е податок кој го објавува Министерството за финансии, нивото на реализација на капиталните инвестиции е осум и пол милијарди, значи и овие 23 кои што со ребалансот ги предвидоа ниту пак тие не можат да ги одработат. Еве да претпоставиме дека до крајот на оваа година ќе се разработат, фантастично ќе почнат да работат ќе дојдеме до некое ниво од 12 милијарди денари, бидејќи денот е нели намален, временските прилики не конвенираат за градежни работи каде што можеме да очекуваме најинтензивна реализација на капиталните инвестиции, тоа подразбира дека и на ребалансот оние ќе не можат да ги испорачаат капиталните инвестиции, потенцираше Мицкоски.
Но, она што е почудно, според Мицкоски, е што парите и степенот на реализација во буџетот се движи со некоја предвидлива динамика и ќе биде некаде отприлика колку што бил планиран минус 4 до 5 проценти бидејќи нема да успејат да ги наплатат оние даноци кои што планирале.
Што значи дека парите влегуваат во буџетот се трошат тие пари, но не се трошат за капитални инвестиции туку за други непродуктивни трошоци. Е сега, ако зборуваме за реализацијата на инвестициите во инфраструктурата, тие не се дел од овие капитални инвестиции, тие се во делот на јавното претпријатие за Државни патишта и доколку зборуваме за реализацијата на експресниот пат од Куманово до Крива Паланка, трета година по ред готов проект, обезбедено финансирање од претходната Влада не можат да го завршат. Доколку зборуваме за реализација на експресниот пат од Штип до Радовиш, готов проект од претходната Влада, трета година по ред не можат да го завршат. Доколку зборуваме за експресниот пат кој што преку Росоман ќе води до Прилеп, знаете како заврши, изведувачот го напушти градилиштето. Кажа дека бил уценуван и вршени непринципиелни притисоци и барања од него и сега тој проект ќе заврши на арбитража и претпоставувам како држава ќе треба да плаќаме оштета. Доколку зборуваме за изградбата на автопатот од Кичево до Охрид, тогаш навистина не знам кој ја говори вистината, дали оние кои што велат дека била утната трасата или претседателот на нивната комисија и градоначалник на Штип кој што вели дека тоа не е точно. Дали оние кои што велеа дека тука се зимани тешки провизии и тешки анекси на договори или оние кои што сега исто така пишуваат анекс на тој договор. Но она што е важно е дека нема ни трага ни глас од реализацијата тој автопат. Дали зборуваме за оние два километра автопат кој што требаше да ги испроектираат, изтендерираат и да ги изведат до границата со соседно Косово. И тој тендер им пропадна и тоа не успеаја да го реализираат. Ако зборуваме за сите овие проекти тогаш зборуваме за нешто кое е наследено од порано, но за жал поради нискиот капацитет на проектен менаџмент, поради нискиот капацитет на овие луѓе кои менаџираат со овие проекти ние веќе трета година по ред не можеме да ја видиме реализацијата на овие проект, рече Мицкоски.
Тој додаде дека уште многу вакви неуспеси може да нареди.
Имаме ли концептуални разлики или немаме, прашањето се сведува на едно. Имаме ли капитални инвестиции кои што се реализираат или парите се трошат за нешто друго. За жал дали ВМРО-ДПМНЕ ги трошело парите наменски или ненаменски денеска ние имаме трета година Влада на СДСМ. Парите сега некој треба да даде отчет кој се чукаше и удираше во гради дека ќе биле најотчетна Влада дека ќе биле Влада со навистина голема транспаретност, не знам што и не знам како. Суштината е дека не само што не ги реализираат капиталните инвестиции, туку ги земаат даноците од граѓаните и од стопанството и тие пари ги трошат за непродуктивни цели. Ете тоа е вистината. Македонија не се развива поради две работи, поради ниското ниво и нискиот капацитет на ресорните луѓе кои што ги менаџираат овие институции и втората работа е затоа што имаме многу криминал и корупција која што води директно до врвот во Владата, потенцираше Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.