Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување на емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија кажа дека СДСМ со својата неспособност ја донеле економијата во катастрофална состојба. Имено, Мицкоски потенцираше дека една милијарда евра фали во буџетот на државата, а капитални инвестиции нема.

„Овие три години од 1 Јануари 2018 година до 31 декември 2020 година БДП производ во Македонија е пораснат за 700 милиони евра, јавниот долг пораснал за една милијарда и 700 милиони евра, една милијарда фали, ја нема“, рече Мицкоски.

Дополнително Мицкоски објасни дека власта континуирано се задолжува додека видливи разултати од тие задолжувања нема и нема додадена вредност туку напротив јавниот долг континуирано расте. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ направи споредба со кризата во 2007 година и кажа дека тогаш БДП пораснал за 4,3 милијарди евра, а дека долгот пораснал за само 2,9 милијарди при што имало додадена вредност од 1,3 милијарди за разлика од сега кога БДП е пораснат за 700 милиони евра додека јавниот долг пораснал за милијарда и 700 милиони евра.

„Видете еве споредете ги сите држави во светот вие можете да позајмите една милијарда и 700 милиони и тие да ги деноминирате со инфлацијата ако ги вратите назад и ќе бидат милијарда и 500. Еве да речеме, бидејќи е тешка година, но не можат да бидат 700 милиони. Еве две тешки години имаше, и 2009-тата и 2012-тата, во еден друг период. Еве да го анализираме периодот 01.01.2007 до 31.12.2016, БДП пораснал за 4,3 милијарди, а долгот пораснал за само за 2,9 милијарди, нели безмилосно се трошеа парите, а имаме додадена вредност од 1,3 милијарди. Нели тогаш СДСМ јавно зборуваше дека безмилосно се трошеле парите, дека оделе во непродуктивни трошења, еве го гледаме градоначалникот како на едно друго интервју кажува дека ќе биде во улога на Талибанец ќе рушел во Скопје со чеканот итн. Но, тогаш имаме раст на БДП од 1,3 милијарди. Сега имаме одземен БДП од една милијарда, тоа е проблемот, тоа е суштината“, заврши Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.