Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред работната средба со партијата Демократски сили на Ромите во изјава за медиумите рече дека тоа што јавниот долг достигнал 7,4 милијарди евра не е најголемиот проблем.

Уште поголем проблем е што за само шест месеци тој долг порасна за 904 милиони евра. Значи само за шест месеци порасна долгот за 904 милиони евра. А, тоа се народни пари, позајмени од Владата кои што треба граѓаните да ги плаќаат поради неспособните и неекономските политики на оваа Влада и обидот за сериозен поткуп и влијание на гласачите за следните локални избори, истакна Мицкоски и додаде дека во тој период не се реализирани никакви проекти.

Ќе ве потсетам, откако е оваа влада на политичката сцена во Владата, повеќе од две ипол милијарди евра е зголемен долгот. Две и половина милијарди евра, знаете што значи тоа? Тоа значи дека секој еден граѓанин во Македонија должи повеќе од 1.250 евра, откако оваа Влада е на чело на државата, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека на сметка на тоа БДП воопшто не е ни поместен од тоа што беше нивото во 2017-тата година. Оваа Влада позајмува, троши, а ефекти во економијата нема.

И за тоа нема денес претприемач, нема стопанственик кој што не се жали од неекономските политики на оваа Влада. Јас сум шокиран и од друг показател бидејќи го следам бројачот во Министерството за финансии и можам да заклучам дека во јули дефицитот е зголемен за околу 5 милијарди денари, а нивото на капиталните инвестиции заклучно со јули месец нема да надмине девет милијарди денари, иако ветуваа дека реализацијата на капиталните инвестиции согласно ребалансот ќе биде 30 милијарди. Имајќи предвид дека доаѓаат месеци кога реализацијата ќе биде слаба, не очекувам дека таа бројка ќе надмине 15 милијарди денари, рече Мицкоски.

Мицкоски укажа дека власта повторно излажа, а на сметка на таа лага ги задолжија македонските граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.