По одземањето на дозволата за работа, голем број незадоволни граѓани со часови чекаат пред филијалите на „Еуростандард“ банките за да добијат некаква информација што треба да прават понатаму.
136 илјади луѓе чекаат да им се вратат штедните влогови во вкупна вредност од 71 и пол милион евра, додека 35 илјади граѓани примаат пензија преку Еуростандард. Никој не верува дека парите ќе се покријат од Фондот за осигурување на депозити во рок од 20 дена.
Граѓаните за Телевизија Алфа велат оти сметаат дека минатите искуства покажале дека кога пропаѓаат банки во Македонија, луѓето остануваат со празни раце. Пензионерите стравуваат дека додека ја префрлат пензијата во друга банка ќе помине предолг период во кој ќе останат без скршен денар.
Од Народна банка со насоки кон штедачите. Ако имаат сметка и во друга банка, да ја користат таа за приливи, но претходно, по потреба да ги ажурираат податоците. Оние кои немаат други сметки, во најбрз можен рок треба да отворат сметка во друга банка. Граѓаните треба да ги известат сите заинтересирани страни за исплатите да се вршат на друга сметка.
Вработените лица треба во најкраток рок да го известат својот работодавач, пред следната исплата на плата. Пензионерите и корисниците на социјална помош, детска заштита и други видови социјална помош треба да ја известат банката преку којашто би сакале понатаму да им се вршат исплатите, велат од НБРМ.
Од Фондот за осигурување на депозити објаснуваат дека ќе се обесштетуваат главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Ако пак граѓаните имаат обврски кон Еуростандард, од вкупните депозити ќе им се одземе износот што го должат. Од Фондот најавуваат дека дополнително ќе ги известат луѓето за датумот на старт на обесштетувањето и за банката преку која ќе се врши исплатата. За сите нејасни работи, граѓаните треба да го контактираат Фондот за осигурување на депозити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.