Мерката за замрзнување на цената на оризот е со ограничен рок до 31 јануари 2022 година со цел заштита на стандардот на граѓаните, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
Мерката за замрзнување на цените на неколку основни прехранбени производи меѓу кои и оризот е донесена за да се заштити стандардот на граѓаните со тоа што ќе се превенира нагло зголемување на цените. Оваа мерка е со ограничен рок до 31 јануари 2022 година. Инаку, Владата последните години покажа дека се грижи за оризопроизводителите и за поттик на производството. Субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на семенски материјал од 12 илјади денари е зголемен двојно на 24 илјади, а за оние производители без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал субвенциите се зголемени од 6 илјади на 18 илјади денари. Доставени се и картички за зелена нафта со цел да се помогне во намалувањето на производствените трошоци за земјоделска механизација – посочи Арсовски на новинарско прашање дали се планира обесштетување на оризопроизводителите.
Дополнително, рече тој, Владата ги исплати и субвенциите за полјоделски култури од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството во вредност од околу 640,5 милијарди денари, пари во кои влегуваат и субвенциите за оризопроизводителите кои се исплатени на сметките на над две илјади субјекти.
Владата вчера на предлог на Министерството за економија, донесе одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата до 31 јануари 2022 година со што се проширува листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо.
Министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук профил, информира дека целта на одлуката е да се спречи натамошно пореметувањата на пазарот и отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед на снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.
Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Замрзнувањето на цените важи во трговијата на мало и на големо. Од Владата најавија и дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.