Новиот директор на Македонска пошта, Јани Макрадули, најави дека граѓаните од 1 март ќе можат своите сметки да ги плаќаат на шалтерите, а договорот со „Халкбанк“ за платниот промет очекува да биде потпишан до крајот на годината.
Очекувам од 1 март граѓаните да можат да плаќаат, по најниска провизија, на 330-те точки кои ги одржуваме. Верувам дека со дополнителни активности ќе го скратиме времето од потпишување на договорот со банката и дека до крајот на годината ќе го потпишеме – рече денеска првиот човек на акционерското друштво во државна сопственост.
Тој додаде дека предност при изборот на „Халкбанк“, по пропаѓањето на „Еуростандар“ бил истиот софтвер од истата компанија што го има банката, поради што процесот е подготвен технички да изведе побрзо и од таму можат најбрзо да одговорат за поврзувањето.
Од понеделник најавувам дека ќе започнеме и со промотивно рекламирање, за многу работи сме поефикасни и поевтини како оператори, но многу граѓани тоа не го знаат затоа што не сме се изрекламирале, додаде поранешниот заменик-министер за животна средина.
Макрадули најави наоѓање нови коминтенти и враќањето на репутацијата која ја имаше порано Македонска пошта, но вели дека за голем дел од долговите не биле виновни претходните менаџерски тимови.
2,5 милиони евра продажба на акции од Владата не стигнале во Пошта. 7 милиони евра не ги добила Пошта од Владата како опростување на долговите на јавните претпријатија. Значи околу 10 милиони евра долг не го направил менаџментот, туку тоа се одлуки на Владата, за кои не е крив менаџментот во генералните трошоци – наведе Макрадули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.