Јани Макрадули, замени-министерот за животна средина, во разговор за Радио Слободна Европа вели дека, со завршувањето на грејната сезона, воздухот повеќе не е загаден и според тоа, јасно е кој е изворот што ја причинува штетата.

Активно работиме на мерките за следната сезона. На 5 мај чекаме тендер за инвертери кои ќе се постават во повеќе институции, како и филтри за помали стопански објекти и комбинати и заедно со универзитетите на Скопје и Штип преку научен пристап да создадеме мрежа за мониторинг на загадувањето. Ефектите ќе се видат во октомври, вели Макрадули.

Смета дека Фондот за животна средина е активен и дека еколошките такси се координираат со Градот Скопје.

Заеднички настапуваме и заеднички ќе ја споделиме одговорноста – тврди тој.

Додава дека парите кои се собираат преку фискализација за еколошки намени не се 150 милиони евра за животна средина, како што се тврди во јавноста.

Нашиот ресор има 5 милиони евра годишно за инвестиции, а вкупно 22 милиони евра за таа намена имаат сите министерства кои се грижат за животната средина – вели заменик-министерот.

Поглавјата за животна средина се мошне важни во евроинтеграциите и тие може да бидат важен критериум за прием на Македонија во ЕУ, наведе Макрадули, но вели дека  луѓето кои стекнале знаење од европските фондови заминале во приватни компании.

РЕК Битола беше извор на штетни емисии кога дојдов како заменик-министер во Владата и немаше А-интегрирана дозвола. Затоа веднаш започнавме со усогласување на оперативниот план и во завршна фаза е усогласувањето. Тендерот за филтри од 21 милион евра е веќе готов за РЕК Битоа и немаме расејување на прашаната низ пелагонските полиња. Во тек е и процесот на десулфуризација – смета Макрадули.

Најави и дека наскоро ќе се донесе и Законот за индустриски емисии.

Факт е дека е забранет рудникот „Казандол“, кому некој претходно му дал дозвола. Наше е да го вратиме во првобитна состојба на она што му е нанесено штета и  што е направено со давањето на концесијата – изјави тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.