Македонската берза и Загрепската берза потпишаа Договор за соработка, којшто има за цел да го подобри професионалното знаење и развој на директните и индиректни учесници на македонскиот пазар на капитал, преку семинари организирани во рамки на Академијата на Загрепската берза.

Како што се наведува во соопштението на Македонската берза, учесници од земјава ќе имаат можност да присуствуваат на обуки за различни теми поврзани со пазарите на капитал, како што се портфолио менаџмент, користење на финансиски извештаи, односи со инвеститори, регулаторна рамка на ЕУ за пазарите на капитал, управување со ризици, корпоративни дејства и други.

Академијата на Загрепската берза набрзо ќе ја одбележи 11-годишнината од своето работење, при што повеќе од 10.000 лица посетуваа различни форми на семинари. Денес, Академијата е најголем давател на едукативни услуги од областа на финансиите во Хрватска и во регионот и ние ќе бидеме задоволни да го споделиме нашето знаење со колегите од Македонија. Имајќи ја предвид нашата долгорочна соработка во различни области, можеме уште еднаш да и се заблагодариме на Македонската берза за довербата и веруваме дека овој договор воспоставува долгорочна и плодна соработка во областа на едукацијата – вели Ивана Гажиќ, претседател на Управниот одбор на Загрепската берза.

Директорот на Македонската берза, Иван Штериев изјави дека со потпишувањето на овој договор за соработка, Македонска берза истовремено постигнува две цели – ги збогатува можностите за едукација на заинтересираните домашни субјекти за функционирањето на пазарот на капитал и ја продлабочува стратешката соработка со Загрепската берза.

Повеќе ноу-хау за пазарот на капитал е суштинска потреба за многумина, од оние кои работат или сакаат да работат во оваа дејност, преку инвеститорите на кои им се неопходни поголеми знаења за да носат поинформирани одлуки до издавачите на хартии од вредност. Преку се поприсутниот модел на онлајн едукација, а како резултат на партнерството помеѓу нашите институции, очекувам дека на македонската публика многу брзо ќе и ги понудиме првите обуки – изјави Штериев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.