По речиси двогодишна пауза поради корона пандемијата, бизнис делегација од земјава неделава престојува во Санкт Петербург на директни средби со руските добавувачи и купувачи на храна.
Во организација на Македонско-руската стопанска комора и во соработка со „Центр закупок сетеи“ од денеска до 18 ноември ќе се одржат разговори и билатерални бизнис средби со руските партнери во функција на зголемување на економската соработка меѓу двете земји.
Македонската делегација на манифестацијата „Се за маркети“ ја сочинуваат дваесет бизнисмени од единаесет компании од областа на производство на храна. На руските деловни луѓе своите производи ќе им ги понудат македонски произведувачи од областа на кондиторијата „Свислион“, „Макпромет“ и „Реском“, претставници од конзервната индустрија „Бест Фуд“, „Агро Ко“, „Хина продуктс“, „Ларс“, „Тргопродукт“, „Мамас“, „Алтера Фуд“, како и реномираниот произведувач на здрава храна „Виталиа“.
Срдечен дочек, одлична организација и огромен интерес од страна на руските компании за нашите производи се првите впечатоци. Секојдневно веќе имаме договорено по дваесетина средби со руските партнери. „Центар закупок сети“ е формат на деловни преговори што неколку пати го намалува времето и трошоците на добавувачите да влезат во трговските синџири во Русија, а на нив, пак, им овозможува да ја изберат најсоодветната храна за нивните потрошувачи.Се работи за одлична форма да се стигне до руските купувачи – вели Крсте Ѓорѓиев од „Бест фуд“.
Од руската страна на средбата со челните луѓе на македонските компании присутни се претставници на преку 70 синџири на маркети, претставници од ХоРеКа (хотели и ресторани) и дистрибутери. За македонските производи се заинтересирани и најголемите руски трговски брендови, како што се „Азбука вкуса“, „Петорочка“, „Х5“, „Фамилија“, „Викториа“, „Лента“, „Магнит“, „Аушн“, „Вернии“, „Светофар“, „Магнолија“…
Фактот дека и во сериозна здраствена ситуација во двете земји деловните луѓе се одважија да се сретнат со нивните руски колеги во Санкт Петербург само ја потврдува заинтересираноста на двете страни за зголемување на меѓусебната трговијата. Дел од значајните македонски брендови од областа на конзервната и кондиторската индустрија се веќе достапни до руските потрошувачи. Но, во ситуација кога во светот се појавува недостаток на производите од земјоделството и прехрамбената индустрија серизно ја згоемува шансата за далеку поголем пласман на македонски производи на големиот руски пазар. Токму од тие причини многу е значајно да се зголемат директните средби меѓу бизнисмените од двете земји – истакна извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.
Тој очекува, покрај продолжување и зголемување на досегашните пласмани во Русија од овие индустрии, македонските бизнисмени да склучат и нови договори кои ќе влијаат на зголемување на нашиот извоз во оваа земја.
Македонските компании за девет месеци од годинава извезле стока во Руската Федерација во износ од 42 милиона долари. Притоа, од руските партнери македонските бизнисмени купиле стока во износ од 107,4 милиони долари.Тоа значи дека вкупната трговска размена меѓу двете земји во периодот од јануари до крајот на септември изнесувала близу 150 милиони САД долари (поточно 149,4 милиони долари).
Земјава во размената со Русија во овој период бележи трговски дефицит во износ од 65,4 милиони долари.
Минатата година македонскиот извоз во Русија ја достигна бројката од нешто над 60 милиони долари, бројка која годинава тешко ќе биде достигната. Поради раните мразеви и сушата во земјава лани беше намалена понудата на земјоделски производи (особено на праски) наменети за овој пазар.
Дејан Бешлиев утре ќе се сретне и со почесниот конзул на Република Македонија во Санкт Петербург, познатиот бизнисмен Михаил Бобров, со кого ќе разговара за можностите и начините за пообемна економска соработка меѓу двете земји. Предвидена е и негова средба и со претставници на Стопанската комора на Санкт Петербург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.