Кога станува збор за здравјето на граѓаните не смее да има никакви калкулации, политикантство или делување само заради задоволување на суета. Македонија се соочува со сериозна закана по здравјето на граѓаните, но и со економски колапс кој ќе биде со катастрофални последици по нашата држава, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Состојбата е лоша, а тоа го посочи и претседателот на државата кој самиот призна дека системот не може да издржи и дека ќе колабира.
На бизнисот итно му е потребна инјекција, свежи пари и помош. Од брзината на имплементација на мерките зависи дали ќе се спречи економска катастрофа. Лавината на отпуштања од работа веќе започна во неколку градови, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ предлага итно замрзнување на обврските на компаниите кон државата чија што работа е поврзана или е погодена со ситуацијата.

Предлагаме и итно замрзнување на обврските за компаниите кон банките и заемодавателите, најмалку за месец март а доколку е потребно и кризата продолжи, и за месец април
Владата мора да ја преземе обврската и да ги сторнира и плати каматите по однос на кредитите на компаниите за месец март, а доколку продолжи кризата и за месец април, потенцираат од најголемата опозициска партија.

ВМРО-ДПМНЕ исто така предлага државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите кои што се погодени во висина од 50% од вкупниот трошок за вработените, односно 50% од бруто плата.

Според нив мора да се направи анализа на сето она што се случува во моментот, кои сектори и компании се погодени и на истите да им се исплати државна помош во форма на субвенции.

Истакнуваат дека смешните мерки и 5 милиони евра наменети за стопанството не решаваат ништо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.