Досегашната соработка и можностите за унапредување особено во делот на агросекторот, биле теми на разговор на денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа со амбасадотор на Република Аргентина, Алфредо Атанасов.

Како што соопшти Министерствтото за земјоделство, шумарство и водостопанство, заеднички заклучок е дека двете земји имаат потенцијал за многу поголема соработка од досегашната. За таа цел, договорено е во најскоро време да се потпишат меморандуми за билатерална соработка во областа на трговската размена особено на земјоделски и прехранбени производи.

Досегашниот извоз на наши производи кон оваа пријателска земја не го исполнува максималниот потенцијал и има капацитет за висок раст, особено во делот на органски производи. Во следниот период, ќе ја зголемиме трговската размена и со производи кои досега не сме ги извезувале на аргентинскиот пазар, а постои голем интерес – се наведува во соопштението.

Министерот Хоџа и амбасадорот Атанасов се согласиле дека и нашиот пазар е добар потенцијал за аргентинските производи особено во делот на земјоделска механизација и производи од риба и месо.

Со заедничка иницијатива за продлабочување на соработката, ќе се формираат и работни групи од двете страни кои ќе направат детална анализа точно на кои земјоделски и прехранбени производи ќе се стави фокус за зголемување на трговската размена, бидејќи и двете земји имаат производство кое е извозно ориентирано, а пазарите се компатибилни. Целта е да го зголемиме и извозот и увозот и да работиме во интерес на двете земји – се наведува во соопштението.

Како што велат од Министерствтото за земјоделство, шумарство и водостопанство, тоа е мотив да ја интензивираат соработката со оваа пријателска земја, што ќе придонесе кон вкупниот економски раст на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.