Деновиве почна откупот на лутите пиперки кои најмногу се извезуваат на пазарот во Србија, а само дел завршуваат на домашниот.

Според производителите, од почетокот на овој месец почнува интензивната берба на лутите пиперки, кои најмногу се засадени под пластеници и фолии во струмичко Банско.

Задоволни сме од откупната цена, која се движи од 3,5 до 4 денари за парче. Како што стасува производството, така расте и интересот на трговците. Откупуваат и наши и трговци од Србија, а повеќето производители имаат склучено договори пред почетокот на сезоната. Се надевам дека овие откупни цени ќе останат и понатаму, иако може да се случи кон крајот на март цената да падне, бидејќи тогаш е екот на бербата – вели Даме Тренчовски, производител на лути пиперки од селото Банско.

Трговците додаваат дека во овој период освен за лутата пиперка има интерес и за зимската зелка, која исто така се пласира на српскиот пазар.

Зелката се откупува по цена од 8 до 10 денари за килограм. Засега најмногу интерес за неа има од Србија. Добро е што е така, бидејќи таа се извезува заедно со лутите пиперки и за трговците е добро кога има да понудат уште една култура на почетокот на сезоната – вели Благој Витанов, трговец од Струмица.

Благодарение на затоплувањето на пластениците со топла вода од термалните извори во близина на селото Банско, производството на лути пиперки стасува порано и е поисплатливо од другите начини на раноградинарско производство за кои се користат други извори на затоплување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.