Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) и заменик-претседател на СДСМ, Сања Лукаревска смета дека мерката „Мој ДДВ“ треба и понатаму да се унапредува, и посочи дека е најголем поборник да се зголеми прагот на повратот на ДДВ.
Според Лукаревска, дури и два отсто да успеале да ја намалат сивата економија преку оваа мерка, успехот е одличен.
Во повеќе наврати имаме телефонски јавувања, анонимни пријави дека не се издаваат фискални сметки. Некој пат и јавно се објавуваат на социјалните мрежи. Макар и два отсто ние да сме успеале да го намалиме процентот на сивата економија преку оваа мерка, успехот е одличен – рече Лукаревска во гостувањето во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизијата Канал 5.
Прашана дали ќе се реализираат најавите за тоа дека поврат што го добиваат граѓаните од 1.800 денари, ќе се зголеми на 2.400, Лукаревска посочи дека се што било ветувано во предизборието ќе се реализира, и оти е најголем поборник да се зголеми овој лимит.
Мислам дека понатаму ќе треба оваа мерка да се унапредува. Во однос на зголемувањето на тој праг од 1.800 на 2.400 денари, секако дека самата пандемија ги измести сите ичекувања, но се она што било ветувано во предизборието, секако дека ќе биде реализирано. Јас ќе бидам најголем поборник да го зголемиме лимитот – додаде таа.
Во однос на оние фирми кои за време на пандемијата минатата година земаа државна помош, а не ги исплатија платите на работниците, Лукаревска рече дека дел од контролите кај овие фирми уште траат, и оти секоја потребна документација ја доставиле до Основното јавно обвинителство.
Во нашиот дел она што беше во законот за финансиска помош за работодавачите во време на ковид криза, ние тие контроли ги завршивме. Спроведени се и уште траат дел од контролите кај компаниите, но овој пат од даночен аспект го контролираме нивното работење, со тоа што утврдивме и таму одредени неправилности. Се она што беше како документација од наша страна, ние го доставивме до Основното јавно обвинителство за да постапува – посочи директорката на УЈП.
Како што рече, секој оној кој што го злоупотребил законот, треба да сноси соодветна кривична одговорност.
Прашана за претстојните избори, Лукаревска изјави дека очекува СДСМ да биде победник на претстојните избори и го има најдоброто за државата.
На последната седница на Извршниот одбор беа утврдени 30 кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ, во наредниот период ќе се затворат уште неколку општини со потврдени кандидати и некаде до крајот на август ќе ја имаме целосната понуда. Наше е да ја изработиме кампањата, да го дадеме најдоброто за нашата општина, како што го правиме во целиот овој период – посочи Лукаревска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.