На неколку дена до крајот на бербата, лозарите од Тиквешијата се во паника, стравуваат дека грозјето ќе им остане на нивата, бидејќи како што велат откупот почнал многу касно, а цената била катастрофална.

Ветувања од страна на премиерот Зоран Заев дека владата ќе покаже вистинска грижа за земјоделците и дека цената на грозјето ќе биде реална, очигледно е дека останаа само уште едно празно ветување.

Лозарите од Тиквешијата велат дека последиците ќе бидат огромни поради несериозноста на владата, премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, но и од лошите временски услови кои ги имаа.

Дека земјоделците се соочуваат со сериозен проблем за цената и пласманот на грозјето, покажува и објавената белешка на која јасно се гледа дека грозје се откупува по цена од 2 денари. Поради ова револтот на лозарите дополнително се зголеми, бидејќи како што велат оваа е најкатастрофалната година за нив.

Лошите временски услови ни создадоа многу трошоци, сонце па дожд, моравме да го заштитиме родот и тоа ни создаде дополнителни трошоци и затоа баравме повисока цена за грозјето. Но, што ни направија, ни го откупуваат грозјето за смешни 2 денари. Ние за цело производство имаме трошок од 3 до 4 денари, а со овие денари ни тоа не можеме да го платиме. Владата нема слух за нас. Дојде премиерот Заев пред две недели, кажа што кажа и си замина. Само колку да се каже дека водел грижа, а нас грозјето ни останува на нивите, никој не се интересира како ќе преживееме, лозјето ние единствен приход, ама што знаат тие од владата што е да немаш, што знае министерот Хоџа како е да се работи на нива на плус 40 степени. Срам да им е, маката и трудот не ни ја плаќаат, вели еден револтиран земјоделец, како што рече ќе размисли дали до година ќе произведува грозје.

Премиерот Заев и во 2016 година и на овие избори ветуваше сигурен откуп и пласман на земјоделските производи, но и ова ветување остана неостварено.

Ваше е да произведете, да го создадете родот, државата не подоцна од мај јавно ќе ги објави цените на белото, и цените на црното грозје. Државата е таа која што ќе ја гарантира исплатата и откупот. Власта ќе си има работа со откупувачите. Ако треба ќе загуби ама никогаш повеќе вие нема да губите, ќе загуби владата и нема зијан ако владата им пушти пари на својот народот. Парите луѓето ги трошат пак се враќаат назад во државата. Никогаш повеќе ова понижување што го согледавте оваа година и лани и полани, никогаш повеќе нема да се случи, вака зборуваше во ноември 2016 година Зоран Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ниската цена на грозјето, посочувајќи дека владата на СДСМ и Заев не направиле ништо за лозарите, како и дека цената на килограм грозје од 4 денари е понижувачка.

Ситуацијата со откупот на грозјето е алармантна. Сезоната на откуп на грозје веќе е во завршна фаза, а повеќе од половина од грозјето се уште не е откупено. Откуп нема, а на неколку места на кои што се откупува откупната цена е по мизерни 2 – 4 денари. Дали ова е решението кое Заев им го понуди на лозарите пред две недели?! Ова е кантарната белешка од која се гледа дема сега грозјето се откупува и по 4 денари за килограм! Тоа се пари со кои што не може да се платат ниту работници, а не нешто да се заработи. Ова е класично потценување на трудот и маката на лозарите. СДСМ уште во 2016 година ветуваше дека ќе го реши откупот, а денес после 4 години власт не само што не е решено, туку е многу полошо, вели Цветан Трипуновски поранешниот дополнителен министер за земјоделство во техничката влада.

Се чини, дека владата нема ниту слух, ниту пак решение за проблемите на лозарите од Тиквешијата, а родот ќе им остане на нивите неоткупен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.