За лозарите цените за откуп на грозјето кои досега ги објавија одделни винарии се срамни, понижувачки, омаловажувачки. Oд друга страна факт е дека годинава на винарските визби не им треба многу грозје, велат „на нивите ќе останат 30 милиони килограми“. Владата пак, наместо досега да определеше цена, откако се појавија лавина од негативни коментари и реакции, дури вчера најави дека државата ќе даде субвенција од четири денари како поддршка на индивидуалните лозари.
Годинава откупната цена на грозјето ќе биде за два денари пониска. Наместо 13 денари „вранец“ ќе биде 11, наместо 11 денари „смедеревка“ ќе биде девет, но затоа тие два денари дополнително Владата ќе ги интервенира. Така стигаме до четири денари интервенција и просечна откупна цена на „вранецот“ од 15 денари и на „смедеревка“ од 13 денари, изјави премиерот Зоран Заев посочувајќи дека со винариите е разговарано, а денеска ќе остави средба и со лозарите од Тиквешијата.
Додека Владата интервенира грозјето останува на нивите. Лозарите апелираат дека нема да го берат без пристојни откупни цени, а најавија и радикализација со протести и блокади. Освен зголемување на откупната цена, бараат и гарантирана минимална цена и пет денари по килограм субвенции.
Бараме субвенции и за извезените количини на грозје, не само за тие што се продаваат на домашни откупувачи. Бараме исто така изградба на државна дестилерија, за решавање на вишоците на грозје, порача претседателот на Здружението „Тиквешки лозароовоштари”, Златко Стојчев.
Реагираат дека цените кои досега ги објавија одделни винарии се срамни и диктираат цена и кај другите, што е нефер и некоректно и бараат да прекине монополот со цени. Апелираат и на појава на винарии кои, како што велат, никнуваат како печурки после дожд, манипулираат со лозарите па одат во стечај.
Тоа што Заев не објасни е дали ќе има поддршка за вистинските лозари кои даваат најголем придонес кон индустријата или и понатаму поголема поддршка ќе им се дава на малите лозари кои имаат 1-2 хектари насади? Тој денеска на средбата со лозарите ќе треба да објасни и како ќе се исплаќаат и каква ќе биде динамиката на субвенционирање?
Додека власта се договара со лозарите, винарската визба „Тиквеш“ објави ценовник за откуп на грозјето кој предизвика бурни рекации меѓу лозарите и кај пошироката јавност.
Од винарницата соопштија дека во време кога македонските винарии имаат залиха од 60 милиони литри вино и се закануваат отпуштања поради пад на продажбата предизвикана од ковид кризата, може да понудат пазарана цена за откуп на грозјето.
Велат дека досега откупиле 6.000 тони грозје, а залихите од вино и намалената потрошувачка наметнуваат ревизија на плановите за откуп и производство.
Се вели дека не сме фер. Но, се појавила пандемија, дали е тоа фер? Грозјето нема соодветен квалитет, а се бара да се купи по иста цена, дали е тоа фер? Виното стои во визбите, дали е тоа фер? Цело време се фокусира поддршката кон лозарите, а никогаш кон винариите, дали е тоа фер?, реагираат во соопштението од винаријата „Тиквеш“, неколку дена откако ги објавија цените за откуп на грозјето.
За жал, додаваат од винаријата „Тиквеш“, најголеми партнери на лозарите излегува дека се политичарите и оваа приказна се повторува уште од 80-те години од минатиот век, при што постојано се манипулира со лозарите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека е крајно неодговорно што власта доцни со одредувањето на откупната цена и наместо решенија барале начин како да се направи поткуп на изборите кои се случија.
Ова што се случува е катастрофа! Да се определува цена сега, а не во февруари или околу Св. Трифун како што е секогаш редот, и во исто време во мај месец кога прв пат се бараа решенија да не се одговори на решенијата туку да се бара начин како да се направи поткуп на изборите кои што се случија после тоа во јули месец е крајно неодговорно. Ова што го прави Владата е неодговорно кон сите кои што произведуваат затоа што прво неизвесно е дали воопшто ќе има откуп на целокупната количина грозје кое што е произведено во Тиквешијата. Значи во Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, Валандово до Гевгелија. И второ цените кои што се изложени се ниски, катастрофално ниски, најниски во историја на производството на грозје, изјави во неделата потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за време на неговото гостување во Сител Телевизија.
Премиерот Заев во екот на изборната кампања им вети на лозарите од Кавадарци дека грозјето ќе се откупи по добра цена, бидејќи со време биле обезбедени пари во буџетот, доколку визбите повторно би манипулирале со цената.
Ова година око да не ви трепне за грозјето. Три години бевме со вас, ќе бидеме и сега. Чесна власт, иако на 15 јули одиме на избори, а откупот е во септември, веќе во буџетот во април ставивме 5 милиони евра, тоа се 23 милиони килограми по 14 денари да ги откупиме сите. Или 7 денари да покриеме разлика на целото винско грозје и за смедервката и за вранецот. Имаме комплетно решение, нема потреба да стравувавте. Тоа никогаш не се случило во Тиквешијата, изјави Заев на трибина на СДСМ во Кавадарци одржана на 11 јули годинава.
Дали ќе има протест на незадоволни лозари или успешна берба и редовен откуп ќе се знае по денешната средба на Заев со лозарите од тиквешијата пред кои заедно со министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, ќе ги презентираат пакет мерките за помош.
Проценките се дека годинава ќе се наберат околу 90 милиони килограми. Лозарите бараат вишокот од грoзјето да го откупи државата. Во моментов во визбите останати се околу 30 милиони килограми грозје за кои премиерот најави дека допрва ќе се утврдува како да се продаде овој вишок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.