Германскиот трговски синџир „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Една од најголемите компании во малопродажбата во светот во петокот ја регистрираше подружницата Лидл Cеверна Македонија Дооел со седиште во скопски Центар и со паричен влог од 500.000 евра, објави вчера Централен регистар, пишува Фактор.
Сопственик е германската матична компанија ВЕ-Интернационал Цвајте ГмбХ од Некарзулм, но субјектот специјализиран за трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун ќе биде управуван од Софија, од бизнисмените Милена Емилова Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев. Според описот на нивните надлежности и ограничувања, „Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.
Минатата година се пишуваше за интересот на „Лидл“ да стартува со една продавница во Македонија, односно со објект кој сам ќе го гради, но истата информација остана непотврдена.
Во моментов „Лидл“ има 100 продавници во Бугарија на 49 локации и вработува 3.000 работници, а има експанзионистички план за оваа година за отварање на уште пет маркети и вработување на уште 250 луѓе. Нето-профитот за 2019 во Бугарија бил 41,25 милиони евра.
„Лидл“ во соседна Србија е присутен од 2018 година и до сега има вкупно 41 објект. Во Хрватска работи од 2006 година. Трговскиот синџир оперира во 30-тина земји во Европа, со околу 11.000 продавници, а присутен е и во САД. „Лидл“ секој ден опслужува по околу 10 милиони купувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.