Левица остро регира за почетокот на примената на новиот Закон за трговија на зелените пазари предложен од владејачката коалиција на ДУИ и СДСМ.
Според неа, законот е срамен, противуставен и скандалозен, насочен исклучиво против класните интереси на најсиромашниот слој од населението, кое се обидува да преживее заработувајќи скромен дополнителен приход продавајќи земјоделски производи на пазарџиските тезги.
Законот е крајно дискриминирачки затоа што забранува пензионери, социјалци, стечајци и хонорарци истовремено да можат да бидат и продавачи на пазар – токму оние на кои пензиите, социјалната помош или отпремнините кои ги добиваат им се толку мизерни што не можат да си ги покријат и најосновните трошоци за нормален живот и издржување на своето семејство. Додека во државава не е спорно едни исти луѓе да бидат членови на повеќе управни или надзорни одбори, напикани од партиските комисии – овие сиромашни луѓе, кои чесно си го заработуваат парчето леб, по Нова година одеднаш ќе станат криминалци и ќе имаат правен третман на илегални трговци, само затоа што на владејачките буржоаски партии им текнало да ги штитат интересите на големите маркети и на т.н. зелена мафија од Кванташки пазар, пишува во реакцијата на Левица.
Левица најавува дека ќе ги искористи сите правни и вонправни инструменти да го спречи влегувањето во сила на овој крајно штетен закон. Притоа, јавно го повикуваме Министерството за економија – по итна постапка – до Собранието на РМ да предложи мораториум, т.е. одлагање на примената на овој закон за најмалку една година и го повикува и Уставниот суд на РМ, по службена должност, да донесе времена мерка за стопирање на примената на овој скандалозен закон, кој е насочен исклучиво кон најсиромашните слоеви од народот и го загрозува социјалниот карактер на републиката.
Доколку тоа не се случи, нашиот правен тим дополнително ќе поднесе иницијатива за оспорување на уставноста на Законот, со барање за негово укинување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.