Деновиве околу 2000 вработени во странската компанија „Кромберг и Шуберт” добија отказни решенија, и покрај најавите на Владата дека нема да има масовни отпуштања, стои во соопштението од партијата Левица.
Ова е само еден од случаите за брутално кршење на работничките права и загрозување на егзистенцијата на работникот за време на кризата со која се соочува Македонија. Работниците во оваа фирма со години се вработени со договор на дело од три месеци, пракса која ја толерира секоја влада и која често се злоупотребува од газдите за делење откази на работниците без никакви санкции по фирмата. Од извори во „Кромберг и Шуберт” дознавме дека уште пред почетокот на кризата секојдневно биле бркани од 20 до 250 работници дневно, а родителите кои побарале ослободување од компанија единствено што добиле биле закани за отказ!
Голем дел од отпуштените се вработени кои користеле регуларно боловање потпишано од доктор и по нивното враќање на работа биле пречекани со отказ. Работниците во време на криза се оставени без здравствено осигурување и без услови за основна егзистенција. Недозволива е изјавата на поранешната министерка Мила Царовска дека периодов нема масовни отпуштања, кога секојдневно работници остануваат на улица, без никаква реална заштита од државата! Пред само неколку дена, 120 работници протестираа пред просториите на „Каст Инвест”, фирма во сопствеништво на Кочо Анѓушев, затоа што без никакво образложение и документација беа оставени на улица! Веќе имаме пријави дека сопственици на бизниси ги одјавуваат работниците без нивно знаење, со што овие работници остануваат без здравствено осигурување во услови на пандемија и криза. Македонија се соочува со голем предизвик и затоа прикривање на состојбата и политичко калкуланство само дополнително ја загрозува состојбата и веќе кревката егзистенција на граѓаните, пишува во соопштението на партијата.
Од Левица велат дека итно е потребно вовдеување меморандум на сите отпуштања.
ИТНО е потребно воведување мораториум на сите отпуштања и одјавувања на работниците во овој период, како и ригорозни санкции за газдите кои ќе ја злоупотребат вонредната ситуација. Во овие околности, најголем удар ќе претрпат работниците, земјоделците, микро-бизнисите и сите оние кои и во услови надвор од криза, месечната егзистенција одвај ја обезбедуваат. Потребни се радикални мерки за спас на најзагрозените, за оние кои не се видливи за институциите, за обичниот работник што едвај преживува. Политичката партија Левица во согласност со нејзините можности секогаш ќе застане на страната на работниците наспроти газдите, кои не само што ги поседуваат средствата за производство – туку и нивните преставници се носители на највисоки владини функции. Вредноста на економијата ја создава работничката класа – и ниту една економска мерка не може да биде правилна, а уште помалку правична, додека е загрозен животот и егзистенцијата на работникот, потенцираат од партијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.