Со ладни радијатори во своите домови, па и фирми се соочуваат скопјани кои се греат на централно греење. Иако грејната сезона започна пред три недели, во вечерните часови е луксуз да се почувствуваат топли радијатори. Граѓаните реагираат на ваквата состојба, велат дека мрзнат во своите домови, принудени се да вклучат, греалка или клима, а сепак месечно тековно си плаќаат сметки за парно, иако греење нема. Објаснуваат дека и покрај тоа што надвор е топло во нивните домови им е студено, посебно становите кои се помалку изложени на сонце во текот на денот.
Од БЕГ и од Регулаторната комисија за енергетика, велат дека тие постапуваат строго по утврдените правила.
Испораката на топлинска енергија до потрошувачите се врши по строго утврдени правила во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите пропишана од Регулаторната Комисија за Енергетика. Во исто време, со овие правила на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците“, објаснуваат за Фактор од БЕГ.
Според нив, мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија детално ја дефинираат испораката во работни денови, викенд и празници, прекините во испораката при сончево и при облачно време, прекини на испораката при крајот на денот како и стартувањето на испорака на топлинска енергија по направените прекини.
По направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува. Имено, според овие правила, топлинската енергија се испорачува до крајните потрошувачи согласно измерените надворешни температури, во различни периоди во денот, а мерењето се врши секојдневно согласно наведените температурни параметри во мрежните правила. Тие се обемни и точно прецизираат правила за испорака во различни периоди од грејната сезона во различни периоди од денот“, објаснуваат од компанијата која ги снабдува скопјани со парно.
И од РКЕ велат дека компанијата ги почитува правилата.
Кога ќе почне грејната сезона, по 15 октомври, соглчасно мрежните правила за дистрибуција, ако температурите во 7 часот наутро се под 10 степени целзиусови, парното веднаш се вклучува. Исто и во 18 часот попладне, ако температурите се под 15 степени, радијаторите се вклучуваат. Вчера вечерта некаде температурите биле 17 степени целзиусови. Во такви услови не треба да се вклучува парно“, вели за Фактор Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
А за утеха, ова ќе придонесе за намалување на сметките за парно, но дури од наредната грејна сезона.
Односно, ова што сега не се вклучува парно, ќе ги намали трошоците за гас, што понатаму ќе се рефлектира на намалување на порамнителните сметки по завршувањето на оваа грејна сезона.
Тоа ќе значи дека сметките на граѓаните за парно ќе се намалат за наредната грејна сезона за 2020 година“, вели Бислимовски, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.