Фабриката за производство на автомобилска опрема „Кромберг и Шуберт“ која се наоѓа во индустриската зона „Жабени“ во Битола, од утре времено запира со работа.
Прекинот на производството ќе се одвива 14 дена, по препорака на нарачателите на услугите стационирани во Германија и Шпанија, изјавија за МИА од Секторот за човечки ресурси на фабриката.
Дистрибуцијата на производи за Шпанија е прекината пред неколку дена, а од утре ќе биде прекината и за Германија.
Производствтото целосно запира зашто мерките кои се преземаат во нашата држава и во Германија и Шпанија каде се транспортира целото наше производство ја наметнаа потребата од донесување на таа одлука. Заштитата на вработените е во преден план и сите се информирани за оваа одлука. Дистрибуцијата на производи за Шпанија ја прекинавме пред неколку дена, а од утре ќе биде прекината и за Германија, посочија од секторот за човечки ресурси на фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Битола.
Во претходните 3 месеци од фабриката биле отпуштени 200 до 300 работници, поради намален обем на работа, односно драстично намалување на продажбата на автомобили. Од „Кромебрг и Шуберт“ тврдат дека нема да има други отпуштања засега.
Оваа германска инвестиција беше отворена во 2013 година, а од тогаш до крајот на 2019 имаше над 6000 вработени, со што фабриката е најголемиот работодавач во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.