Продолжува растот на кредитната активност и на депозитната база на банките, што упатува на стабилни очекувања и зголемена доверба. Поконкретно, кредитниот раст, минатата година достигна шест проценти, додека растот на вкупните депозити изнесува девет проценти, наведува Народната банка во Извештајот за четвртиот квартал лани.

Во извештајот е истакнато дека во следниот период се очекува дека депозитната база на банките и натаму ќе се зголемува, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст.

Според оценката на Советот на Народната банка, монетарната поставеност е соодветна на постојните и проектираните економски и финансиски услови, при здрави економски основи и без присуство на нерамнотежи во економијата.

Макроекономските показатели не отстапуваат значително од проектираната патека. Економската активност растеше и во третиот квартал од минатата година, а расположливите податоци за четвртиот квартал засега се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал – оценува Народната банка.

Годишниот раст на домашните цени во четвртиот квартал минатата година забави и беше под очекувањата од октомвриските проекции. За целата мината година, годишната стапка на инфлација изнесува 0,8 проценти и не отстапува значително од октомвриската проекција од еден процент.

Како што е наведено во Извештајот, последните расположливи податоци за билансот на плаќања не упатуваат на поголеми отстапувања кај тековните трансакции и тековите во финансиската сметка, во однос на проекциите. Податоците за четвртото тримесечје покажуваат натамошен раст на девизните резерви, којшто ги надмина очекувањата. Според сите показатели за адекватноста, резервите и натаму се во сигурната зона.

При разгледувањето на Извештајот било истакнато дека ризиците од надворешното и домашното окружување и понатаму постојат, без позначајни промени во однос на октомвриските проекции. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.