Владата ќе постапи во секое време согласно со наодите и заклучоците на која било институција во државата во однос на проектот за изградбата на коридорите 8 и 10д, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање дали ќе се раскине договорот за инфраструктурниот проект ако се потврдат објавите што се пласираат во јавноста за избраниот надзор.

Ковачевски потсети дека веќе ги повикал Антикорупциската комисија и Обвинителството да ги испитаат сите информации и врз основа на тоа да донесат одлуки.

Тоа го потврдивме со тоа што сите документи што се дел од тендерската постапка и што беа спроведени врз основа на Законот за овој проект, изгласан од Собранието и потврден од Уставниот суд, се јавно објавени на Бирото за јавни набавки согласно со сите спроведени процедури. Минатата недела веќе кажав дека сите институции треба да работат согласно своите надлежности, тука пред се мислам на Антикорупциската комисија и на Обвинителството кои што треба секоја информација да ја испитаат и врз основа на тоа да носат одлуки, изјави Ковачевски, по настанот по повод хуманитарната акција за помош и поддршка на настраданото население од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

Прашан дали Владата е подготвена да ја повтори тендерската постапка, тој нагласи дека „се што ќе произлезе од овие постапки нормално дека Владата ќе го спроведе“.

Ковачевски минатата недела апелираше Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да постапат околу објавите и сомнежите што се пласираат во јавноста за избраниот надзор за изградбата на делниците на коридорите 8 и 10д бидејќи, како што порача тогаш, мора точно да се знае што е шпекулација, а што е вистината во овој голем проект.

Надзорот за проектот го доби конзорциумот ИРД со уште три фирми како подизведувачи, а американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ќе биде ангажиран и за проектирање и за градба.

Предвидена е изградба на четири автопатски делници во должина од 108,8 километри, а планираната инвестиција е 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.