За првпат Македонија е увезува јаглен за работата на РЕК Битола. Тендерот е веќе распишан, а се очекува понудите на тендерот да пристигнат идната недела. Ресурсите на јаглен во рудниците во Битола и Осломеј се намалуваат и во услови кога на стопанството му се заканува ценовен шок поради високата цена на струјата на меѓународната берза, поисплатливо е да се увезе јаглен отколку електрична енергија по енормно високи цени и да се ризикува дали ќе ја има доволно, рече генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, на денешната прес-конференција.

Меѓународниот тендер ќе треба да обезбеди јаглен за потребите на третиот блок на РЕК и на Осломеј. Со засиленото произвидство на струја се планира да се стабилизира цената на електричната енергија за стопанството.

Цените на електричната енергија на регионалните берзи се тројно зголемени и од 56 евра за мегават час пред неколку месеци, сега се движат меѓу 140 и 170 евра и нема најава за намалување. Стопанските субјекти се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, а со оглед на енормниот пораст на цените на берзите, нашето стопанство се соочува со опасност од голем ценовен удар. Стопанската комора ѝ посочи на Владата дека е неопходно да се преземат мерки и да се обезбеди поевтина електрична енергија преку ЕСМ, рече Ковачевски.

Струјата добиена од увезениот јаглен ќе се понуди дополнително по цени пониски од моментално берзанските, а поголеми од производствената.

Произведуваме јаглен максимално колку што можеме, но со тек на годините ресурсите се намалуваат и во Битола и во Осломеј. Тоа значи дека ќе немаме доволно домашен јаглен за производство во сите три блокови во Битола и во Осломеј, па се одлучивме на ваков чекор да не стојат блоковите во мирување или во резерва, рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.