Деновиве се навршуваат веќе четири месеци од безумниот чин за носење во стечај на Еуростандард банка, направен од Народна Банка, на чело со гувернерката Бежоска, вели Трифун Костовски во колумна.
Заклучокот е евидентен, иако фактите ги немам в раце. Се работи за организиран криминал, се работи за скоро 100 милиони евра чија трага до денес не е откриена. Се прашувам – дали Народна Банка беше уплашена дека ние акционерите заедно со новиот Управен Одбор ќе дојдеме до крајните корисници на овие средства? За да може госпоѓата Бежоска да посегне по најсилната алатка, согласно Законот за банки, користејќи го своето дискреционо право да ја однесе банката во стечај!?, прашува Костовски.
Вонредната ситуација, парламентарните избори, уредбите на техничката влада се само дел од причините што ги набројува Костовски а за кои смета дека говорат дека се работи за организиран криминал и непрофесионалност од страна на Народна банка.
Кон крајот на март 2020 со нашата докапитализација од 11 милиони евра, адекватноста на капиталот на банката беше 6,55 проценти.
Вонредната ситуација поради пандемијата на ковид-19 траеше цели 97 дена, во кои не можевме ништо да сториме во принудните наплати од доспеаните кредити. Целото стопанство беше блокирано.
Банката се носи во стечај на ден 12 Август 2020 при неконституирани Собрание и Влада на Република Македонија, веднаш после предвремените парламентарни избори, одржани на 15 Јули, и еден месец по завршувањето на вонредната ситуација во земјава.
Уредбите на техничката Влада, и тоа првата објавена на 24 Март 2020 и втората објавена на 29 Мај се контрадикторни. Со првата уредба од 24 Март, Владата предвидува да нема поведување на стечајна постапка минимум три месеци по завршување на вонредната состојба, а со втората уредба, со сила на закон, објавена на 29 Мај, претходната уредба се суспендира!!! … Зошто? Само да потсетам дека друг правен субјект, освен ЕСБ во Македонија нема. Единствено ЕСБ отиде во стечај.
Народна Банка одбива да ни ги даде, нам бившите акционери на банката, пресметките како дошла до ниво на адекватност на капиталот на банката којшто по закон треба да се затвори.
Пишував и ќе повторам, како е можно од адекватност на капиталот 6,55 проценти, кон крајот на март да падне под нивото утврдено со Законот за банки, за само 4,5 месеци и во услови каде три месеци и една недела бевме во вонредна ситуација. Тоа е веселата математика на Народна Банка и затоа денес прашувам зошто во периодот на слободно паѓање на адекватност на капиталот Народна Банка не ја презема мерката за воведување администрација, што ќе овозможеше да се види дали банката има своја иднина. Ве убедувам почитувани, банката имаше своја иднина. Главниот потенцијал на банката беа 330-те експозитури на Македонски Пошти, кои беа во наше владение на период од 20 години, преку кои експозитури Еуростандард Банка учествуваше со една четвртина од вкупниот платен промет. Е, тоа некому му пречеше.
Официјалните извештаи на стечајниот управител Тодевски во врска со затекнатата состојба во Еуростандард Банка се копија на извештајот на Народна банка, повторува Костовски.
Учеството на Народна Банка во Одборот на доверители формиран од стечајниот управител е врв на целата хипокризија поврзана со стечајот на банката. Кое е местото на Народна Банка во Одборот на доверители? Почитувани, одговорот сам по себе се наметнува, а тоа е да се контролира севкупната стечајна постапка, со цел покривање на трагите на огромните средства излеани од банката.
Непрофесионален однос на Народна Банка!!!, а повод за овој мој став е вчерашниот прес на Гувернерката Бежоска, во кој што објави дека падот на БДП наместо 3,3 отсто од предвиденото ќе биде скоро 5 отсто. Почитувани, репресијата во стопанството трае цела година. Денес, и пилците знаат дека процентот на пад на БДП ќе биде околу 5 отсто. Прашувам…каква институција е Народна Банка со сегашната водечка структура на чело со Гувернерката Бежоска? Дали таа треба да делува превентивно? Таа треба да делува превентивно, а не да се јавува со пресови кога завршува календарската година. Впрочем и во нејзиното излагање спомена дека ударни квартали каде стопанството на Македонија е погодено се вториот, третиот и четвртиот квартал. Замислете стечајот на Еуростандард Банка го направи во третиот квартал, во ек на евидентен пад на стопанството во Македонија. Што ќе беше визионерство!!! Колективна оставка и одговорност на целото раководство на Народна Банка. Тоа е што јас го барам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.