Дирекцијата за технолошко развојни зони (ДТРИЗ) одобри предвремена исплата на обврските на државата кон две странски инвестиции „Костал“ и „Гентерм“. Овие две компании две односно четири години порано од предвиденото веќе ги постигнале планираните таргети за вработување. Дополнително, заклучно со крајот на 2020 година само во овие две компании креирани се над 1.000 работни места повеќе од поставените цели.
Од ДТИРЗ велат дека вкупниот износ на предвреме исплатени обврски на државата кон овие две компании изнесува 51,2 милиони денари, средства обезбедени со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници донесена од страна на Владата во декември 2020 година.
Американската компанија „Гентерм“ предвидела 1.255 работни места до крај на 2024 година во моментов имаат 2.173 ангажирани лица, додека компанијата „Костал“ која има обврска до крајот на 2022 да отвори 730 работни места веќе има 820 креирани работни места. Двете компании се дел од автомобилската индустрија.
Со предвремената исплата ги поттикуваме и останатите инвеститори забрзано да вложуваат во својот развој и да ги шират капацитетите – изјави директорот на ДТИРЗ Јован Деспотовски.
Моментално во индустриските зони работат над 14.000 лица и анализите покажуваат дека и во услови на криза бројот на вработени во овие компании останува стабилен.
ДТИРЗ веќе работи на креирање посебни државни програми и мерки со цел да се поттикнат компаниите да исплаќаат повисоки плати, како и да се привлечат инвестиции со повисока додадена вредност кои ќе донесат и подобро платени работни места. Целта на Дирекцијата е поттикнување на раст на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30% до 50% до 2024 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.