Мај истекува за два дена, а платено отсуство од работа поради нега на новороденче за април сè уште не е испатено, негодуваат мајките. Според нив исплатата обично е во период од 12. до 20. во месецот, но овој пат дел од нив немаат добиено средства на своите сметки иако истекува мај.
Слушаме секој ден од министрите како велат да не се секираат мајките ќе се продолжи породилното oтсуство до истек на мерките, а од друга страна нема исплатена на средствата од Фондот. Минатата недела некои од мајките на социјалните мрежи објавија дека почнала исплатата, но еве дојде 28 мај, а пари сè уште нема. Во период кога сопругот се соочува со драстично намалена плата поради коронaвирусот, со која ни сметките дома не можеме да ги покриеме, Фондот за здравствено осигурување доцни со исплатата. Со кои пари да купам пелени за бебето, намирници за јадење, прашува револтирана Катерина, мајка на новороденче.
Со поголем проблем се соочуваат мајките на кои им е продолжено породилното отсуство. Велат парите за март ги добиеле дури минатата недела. За април сè уште нема испата.
Породилното отсуство ми заврши во средината на март. Според вонредните мерки, отсуството ми е продолжено, но кога во април се вршеше исплата за породилно отсуство, на мојата сметка немаше префрлено пари. Се јавував неколку пати во Фондот и во Социјално. Прво не знаеја кога ќе има исплата, па потоа, минатата недела ми рекоа дека до петок ќе ми ги исплатат двата месеци одеднаш. Наместо на средина на април, парите ги добив во втората половина на мај. Но само оние за март. За април сè уште нема, вели Ана М.
Се јавивме во Фондот за здравствено осигурување и прашавме кога може да се очекува исплата на породилното отсуство. Оттаму велат:
Поради продолженото породилно отсуство се појави компликација при исплатата. Но до утре би требало да завршиме со исплатата на сите корисници, одговорија кратко од Фондот.
Минатата недела за овој проблем се огласи Левица. Тие реагираа за доцнењето на породилното отсуство, но и за доцнењето на еднократната помош од државата за новороденче.
Во услови на здравствена криза кога голем дел од работниците ги изгубија своите работни места, недозволиво е било какво доцнење на исплати! Органите на прогонот допрва треба да утврдат дали се работи за криминално работење од страна на поранешниот директор Ден Дончев, за кој веќе постојат обвинувања во јавноста. Дали Обвинителството веднаш ќе поднесе постапка за утврдување одговорност поради неисплатата на надоместок, со оглед на тоа што сведоци сме дека репресивниот државен апарат експресно реагираше изминативе два месеци за казнување на прекршување на полицискиот час? Исто така, ја повикуваме и заменик-претседателката на Владата Мила Царовска да ѝ објасни на јавноста зошто доцнат исплатите за породилно отсуство и исплатите за еднократен надоместок за новороденче, во услови кога техничката влада со најновиот ребаланс на буџетот не се откажа од енормните непродуктивни трошоци, посочија од Левица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.