По издаденото решение (на 15 септември) за уривање на девет куќи под хотелот „Радика“ кај селото Леуново, Маврово, кое беше извршно и по кое никој не постапи, второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор деновиве го поништи ова решение. Жалбата поднесена од инвеститорот „Радика ресорт“, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби, комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше.

Според Владата не тој што градел на диво во Леуново, туку тој што го издал решението за уривање е виновен
По издаденото решение (на 15 септември) за уривање на девет куќи под хотелот „Радика“ кај селото Леуново, Маврово, кое беше извршно и по кое никој не постапи, второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор деновиве го поништи ова решение. Жалбата поднесена од инвеститорот „Радика ресорт“, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби, комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше.

Под хотелот Радика веќе се изградени 17 вили, девет се во градба, а планот е тука да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала на сопственикот на хотелот „Радика“. Инвеститорот, според решението на градежниот инспектор од Општина Маврово Ростуше нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите. Се разбира ниту тој, ни пак општината тоа го стори, а инвеститорот си продолжи со изградбата и покрај издаденото решение за уривање.

Второстепената комисија оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметнот на повторно одлучување.

Локалното население и сопствениците на викендиците веќе подолг период имаат проблеми со со снабдувањето со вода. Поради тоа комуналното претпријатие на општината издаде мораториум за градба во овој дел сè додека не се реши проблемот со водоснабдувањето.

И Електрани на Македонија, државната компанија која стопанисува со Мавровското Езеро има негативно мислење за градба во тој дел од крајбрежјето затоа што е во појасот забранет за градба според котата на нивото на езерото.

Здужението на граѓани Спас за Маврово веќе ги алармираше надлежните државни органи за ова и за непочитувањето на законските процедури за добивање на дозволи за градба, а тоа е барање мислење од Министерството за заштита за животна средина и од Националниот парк Маврово. За вакво мислење со години веќе никој не ги прашува ни во надлежното министерство, ниту пак некој го прашал Националниот парк. А се работи за законска обврска која општината на чело со градоначалникот Медат Куртовски не ја спроведува.

Иако сите овие информации веќе неколку месеци се пред надлежните органи (инспектори, обвинителство, Министерство за правда, Министерство за транспорт и врски, пред вицепремиерот Љупчо Николовски надлежен за борба против корупцијата и криминалот, пред ДКСК, пред Министерствито за животна средиина…), второстепената владина комисија носи ваква одлука.

Инаку, во врска со случајот со деветте дивоградби на инвеститорот „Радика ресорт“ поднесени се и три кривични пријави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.