Од денеска е активна апликацијата Мој ДДВ, што значи дека корисниците на мобилните телефони можат да си скенираат бар кодовите на фискалните сметки и да ги испраќаат во УЈП, очекувајќи на крај на годината да добијат 15 отсто од сметката по основ поврат на ДДВ. Од УЈП тврдат дека нивните тимови се подготвени на сите кои или немаат паметни телефони, како пензионерите, или имаат Ајфони за кои се уште не  е достапна оваа апликација.

За ајфоните апликацијата Мој ДДВ ќе биде достапна во најскоро време. Во меѓувреме има други механизми да се исполни нивното право. УЈП за да им излезе во пресрет на граѓаните кои ќе имаат проблем со апликацијата, на 36 места во организационите единици постави киоск-апарати, бар-код читачи и паметни телефони преку кои ќе се скенираат фискалните сметки на граѓаните. Вработените се на располагање за да одговарат на кое било прашање и да помогнат – тврди директорката на Управата на Јавни приходи, Сања Лукаревска.

Инаку на дилемата дали просекот од 28.000 на годишно ниво за едно четиричлено семејство, значи дека ако на една адреса живеат повеќе семејства, значи дека таа сума се однесува на сите нив, од УЈП објаснуваат:

Не е важна адресата туку трансакциската сметка и имеил адресата на секое физичко лице. Повратот на ДДВ се врши врз основа на тие податоци. Тоа значи дека на една адреса може да живеат 2 или три семејства, но секој си добива поврат, доколку има над 15 години и валидна трансакциска сметка. Максималната сума на поврат која во просек може да ја добие едно четричлено семејство е до 28.000 денари на годишно ниво. Некои семејства имаат повеќе членови, некои помалку, но четиричлено семејство е извадено како просек – објаснуваат од УЈП.  Најавувањето за преземење на апликацијата на веб-страницата на УЈП е со истиот меил и лозинка како и за електронската даночна пријава.

Инаку апликацијата на Play Store не е објавена од профил креиран од Управата за јавни приходи, туку од приватен профил – „Kiril Sokolov – Accent DOOEL“, веројатно на девелопер кој работел на апликацијата. Како контакт меил не е поставен меил на УЈП, туку support@accent.mk, а избраната локација е во Виена.

Праксата на објавување апликации за масовна употреба, кои овозможуваат услуги од државни институции е тие да бидат објавени од профили на институциите, за да може да менаџираат со нив и да ги обновуваат со нови верзии, независно од тоа која софтверска компанија или лица работат на апликацијата, а не како во случајов, тоа да се прави од приватен профил на едно лице, кое не е вработено во УЈП.

Токму поради ова, апликацијата не може да се најде со пребарување на Play Store со „мојддв“ или „мој ддв“, ниту на кирилица, ниту на латиница.

На ова има лавина реакции на социјалните мрежи од граѓаните кои реагираат дека на ваков начин нивните податоци не се сигурни, бидејќи се филтрираат преку администратор кој не е вработен во УЈП. Реагираше и поранешниот амбасадор Oливер Шамбевски.

Инаку фискалните сметки кои не содржат бар-кодови, како што се сметките од такси-превозниците, мали бурекџилници или бакалници, кои плаќаат данок паушално, нема да може да се скенираат, а истото важи и за компјутерските невалидни фискални сметки.

Сметките над 30.000 илјади или комјутерските сметки се невалидни и како такви системот нема да ги профати за регистриање – вели Лукаревска.

Што се однесува до можноста за злоупотреби на системот, како на пример трговец или угостител да ја скенира и испрати вашата сметка, а потоа кога вие ќе сакате да ја испратите вашата сметка, системот да ве исфрли, од УЈП смируваат.

Злоупотреби се можни, но граѓаните тоа можат да го пријават во УЈП. Но и лицата кои можат да ги злоупотребат сметките имаат лимит колку можат да пријават сметки, за да добијат поврат, така што не очекуваме големи проблеми од тој аспект – тврди Лукаревска.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.