Нема вина во оној кој ги дал дозволите за текстилните работилници во Штип да рботат дури и трета смена во време на полицискиот час. Одговорноста за големиот број заболени во Штип министерот за здравство, Венко Филипче, ја гледа во лошо организираниот превоз на вработените во кој не се почитувале мерките. Според него причина не се полните погони со работници за кои сопствениците на фабриките преку владините институции извадиле дозвола за работа за сите вработени. Денеска според официјалните податоци позитивен тест имале уште 7 граѓани на Штип, а се затвори уште една конфекција.

Дека фабриките се преполни, а во автобусите текстилните работници се превезуваат како сардини се предупредуваше постојано. Социјалните мрежи беа преплавени со фотографии од преполните автобуси и фабрики, се предупредуваше дека ќе дојде до ова, но никој не презеде ништо. Нема инспекција, нема одземање на дозволи.

Предупредување стигна и од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип од каде ги алармира надлежните за состојбата со текстилните работници на територијата на општината. Уште на 8 април годинава тие посочија дека голем дел од сопствениците имаат извадено дозволи за своите работници за движење во полициски час за потребите на производствениот процес во фабриките. Запрашаа која е поентата за воведување на 24 часовно ограничување на движењето кога поголем дел од работниците во текстилната индустрија во Штип која е една од најбројните индустрии ќе бидат на работа.

– Ако се знае и дека превозот на овие работници се одвива групно со автобуси, тогаш зошто важат мерките кога не се спроведуваат правилно? Тие работници се превезуваат на меѓусебно растојание од само неколку сантиметри, со тоа ризикот за несакано заразување е многу повисок. Зарем оваа категорија на граѓани не треба да биде заштитена од изложувањето на корона вирус? Која е поентата на полицискиот час кога илјадници граѓани повторно ќе бидат приморани да ги напуштаат своите домови и да заминат на работа. Зошто само конфекциите се ставаат во надредена положба за разлика од другите стопански дејности? Движењето на граѓаните е исто за сите, без разлика дали тие одат на работа, до маркет, банка или сл. Ова уште еднаш само докажува дека владата на СДС само за пред камери глуми дека воведува некакви мерки, а на терен ситуацијата е многу поразлична и многу посериозна. Производството на конфекциите сигурно нема да пропадне за еден работен ден, но тој ден може многу да придонесе во тоа дали ќе се спречи или ќе се рашири вирусот. Ако можат многу побитни и по главни услужни дејности во време на 24 часовен полициски час да не работат, можат и конфекциите тоа да го сторат. Затоа, апелираме властите веднаш да ги преиспитаат своите одлуки и да забранат било каква работа на индустриски објекти за време на полицискиот час. Властите да ги повлечат дадените одобренија за работа и со тоа ќе го заштита вистински здравјето на граѓаните. Здравјето на текстилните работници е подеднакво важно како и било чие друго здравје. Оваа категорија на граѓани не смее да биде занемарена и оставена на цедило во време на криза. Владата на СДС, а и локалната самоуправа веднаш да излезат со конкретни сет на мерки со кои ќе се заштитат текстилните работници и работниците во кожарско – чевларските капацитети. Сега не е време за ПР сликања по телевизии, сега е време за вистинска грижа за граѓаните – посочија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

Но и покрај многуте апели ништо не се промени, за сега да дојде до ситуација да расте значително бројот на заболени од ковид 19 меѓу вработените во текстилните конфекции. И сега повторно нема вина кај ниту една надлежна институција – ниту тој што дал дозвола, ниту оној што не пратил инспекција. Битно беше санкциониран штипјанецот што фрли отпад ѓубре во полициски час. А за оние што дозволија во фабриките да се шири корона нема никаква санкција ниту критика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.