За потребите на едно четиричлено семејство доволни му се 17.000 денари! Вака барем изјави вчера министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, споделувајќи лаекенски индикатор објавен од страна на Државниот завод за статистика, за подоцна да ги обвини медиумите дека ѝ ја извртеле изјавата околу тоа колку пари му се потребни на едно семејство со две деца до 14 години да го преживее месецот. Наводно таа само цитирала индикатор, на кој се базираат политиките на МТСП, кој посочува дека на годишно ниво на едно класично семејство со четири члена (2 деца до 14 години), годишно му се потребни 203.700 денари, што поделено на 12 месеци подразбира дека тоа семејство може да живее со само 17.000 денари, притоа погрешувајќи го и називот на индикаторот.
Каде е тука извртувањето на изјавата? Царовска се правда дека политиките на министерството не можат да се базираат на претпоставки колку пари се навистина потребни за нормален живот на едно семејство, туку се базираат на лаекенски идикатори, но останува фактот дека таа кажа сума потребна за преживување на едно семејство. Е сега што тоа предизвика револт кај луѓето кои се свесни дека со 17.000 денари, не само што не може да се живее, туку и да се преживе, е друга работа. Всушност, таа самата е свесна дека постои дискрепанца меѓу живот и квалитетен живот, на што алудира во својот Фејсбук статус, објавен по емитување на емисијата „Детектор“, каде што таа ги изложува своите видувања на темата колку пари се потребни за живејачка, нагласувајќи дека пресметките на статистика и синдикатот се разликуваат и тоа драстично. На крајот таа заклучува дека бројките на синдикатот или статистика треба да се основа за креирање политики, но не појасни зошто како критериум е земена пресметката на статистика, а не на сидикатот, која е двојно повисока од онаа на статистика.
Во емисијата „Детектор“ споделувам индикатор објавен минатата недела од Државниот завод за статистика, а не изразувам мој став. Во текстот подолу ја има целата изјава во која цитирам два извора кои објавуваат потребна сума на пари за живот во текот на месецот. Едниот е од синдикатите другиот од статистика. Многу е субјективно за да може да кажеме колку би изнесувала. „Лајкин индикаторите“ кажуваат колку е. Вас ви требаат 203.700 денари на годишно ниво, четиричлено домаќинство со две деца до 14 години двајца возрасни. И тоа е речиси до минимална плата на месечно ниво. Тоа е како една пресметка. Ако одиме на синдикалната кошничка таа вели 32.000 денари, а тоа е два пати по ова што е тука пресметано. Но ако велиме квалитет на живот кој што значи се што ни недостига и се што одредено семејство му треба и сака да го прави, таа може да оди многу повеќе. Но не можеме да дискутираме и да креираме политики врз база на претпоставки. Сепак оние бројки кои што ги пресметува или синдикатот или Статистика како „лајкин индикатор“ треба да се основа за креирање на политики – пишува во статусот Царовска.
Доколку месецот се поминува со 17.000 денари, Република ја прашува Царовска зошто социјалната помош за семејствата во социјалне ризик е далеку под оваа „лајкинска“ сума?
Што е лаекенски индикатор?
Инаку статистика порано објавуваше вредност на потрошувачка кошница за секој месец, но по бројните реакции дека истатата не соодетствува со реалната состојба, пресметката на животните трошоци престана да се прави. Сега еден вид замена на водењето на потрошувачката кошница се лаекенските индикатори кои даваат ниски вредности на животните трошоци, за разлика од синдикалната кошница, чија вредност од секогаш била двојна повисока од статистичката, и е да речеме поблиска до реалната животна слика.
Факт е дека 17.000 денари се премалку за каков било живот, а најмалку квалитетен ако се земе предвид дека според синдикатот потрошувачката кошница изнесува 32.000 денари. Ако од тие пари, се издвојат парите за тековни трошоци, како вода, струја, греење, колку ќе останат за храна, а колку за други животни потреби, како што се облека, обувки, училишни трошоци? И како може да се базираат политиките на власта на индикатори кои се далеку од реалната потреба на граѓаните? Ова се прашања кои министерката за труд и социјална политика треба да си ги постави на себе си, а потоа да обвинува за „извртување“ на нејзините зборови.
Инаку статистика врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската унија, ги пресметува лаекенските индикатори за сиромаштија. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 % од медијалниот еквивалентен приход.
Според податоците, во 2018 година, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесувала 21.9 отсто.
Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2018 година е 22.0 отсто. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапкатата на сиромашни вработени лица е 8.8 отсто, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.9 отсто. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 31.9 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.