Ја искористија ли можноста некои домашни компании да продадат повеќе од своите производи и да ги зголемат приходите од почетокот на јуни досега преку проектот „домашна платежна картичка“.

Откако државата даде можност и прехранбените производи кои се препакувани, а на чија амбалажа е напишано дека се произведени во Македонија, дел од фирмите побрзаа да ги сменат декларациите и нивните производи кои инаку се странски да ги декларираат како македонски. Граѓаните забележале дека на рафтовите има вакви производи и реагираат затоа што знаеле дека се увозни, а наеднаш се промовирале како македонски, пишува „Фактор“.

Јогурт на „Кораб Трница“ препакуван во Макеоднија сега се продаваше како македонски – но но не и само тој производ. Некои јатки, суви производи, па и риба која е морска а распакувана овде се сметаше како домашен производ и се продаваше како таква. На тој начин фирмите успеаја да продадат поголем дел од својата понуда. Со тоа и ги зголемија своите приходи.

Домашните платежни картички граѓаните можеа да ги искористат до саботата навечер, а во оптек беа пуштени на почетокот на јуни. Купувам домашно беше дел од третиот пакет-мерки на Владата за поддршка на економијата кој беше воведен поради корона-кризата. Министерството за финансии на ваков начин сакаше да им помогне на граѓаните но и да стимулира да се продаваат домашни производи со што ќе им се помогне на домашните фирми.

Сепак, беше соопштено и дека и препакуваните производи на кои им е направена механичка обработка како на пример распакување, калибрирање, мерење и пакување може да се сметаат за домашен производ ако на амбалажата е напишано „произведено во Македонија“.

За целите на купување со домашната платежна картичка, производ може да се смета како домашен – македонски производ, доколку се производи и стоки за финална потрошувачка произведени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Македонија, освен алкохолни пијалаци, тутун и преработки на тутун, стоеше во правилникот.

Инаку, заклучно со 7 август, биле подигнати 310.121 платежни картички, што е за 5.188 повеќе во однос на стартот на месецот, во вкупен износ од 27.106.094 евра. На подигнатите картички за трошење има уште неколку милиони евра.

За домашна платежна картичка беа впишани над 324 илјади граѓани, во четири категории. Заедно со прифатените приговори имаше 333.697 корисници вкупно заведени во Министерството за финансии.

До сега ја искористиле 116.268 невработени во износ од 1,046 милијарди денари, како и 109.363 граѓани со низок приход во вредност од 328 милиони денари. Ја подигнале и 80.451 млади лица на чија сметка имало 241,3 милиони денари и 4.039 медицински лица со 51,2 милиони денари.

Според последните податоци, најголемиот дел од картичките нив се трошеа по маркетите, а најголема еднократна помош – 9.000 денари добија социјалните категории и невработени што се активни баратели на работа и кои остваруваат низок доход.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.