Потрошувачката на струја е нагло зголемена поради високите температури. Поради горештините, граѓаните постојано се ладат, односно цело време ги држат вклучени клима уредите. Од ЕВН Македонија велат дека потрошувачката на струја во јули била поголема од онаа во истиот месец лани. Најголема потрошувачка на струја изминатиот месец имало на 3-ти јули кога домаќинствата и компаниите потрошиле 15.295 мегават часови. Тој бил еден од најтоплите денови во овој период, со измерени минимални 18 и максимални 37 степени на скопскиот Аеродром.
Според анализите на ЕВН рекордна потрошувачка на струја во овој период од годинава во последните пет години е регистрирана на 11 јули 2017 година кога достигнала над 15.478 мегават часови. ЕВН регистрирала поголема потрошувачка на струја на цела територија, но очекувано најмногу во скопскиот регион. И покрај зголемената потрошувачка на струја, системот е стабилен, велат од компанијата. Помали проблеми кои можат брзо да се решат, можат да се случат при нагли временски промени.
Од големите ланци продавници за бела техника, летово е зголемена продажбата на клима уреди. Заинтересираноста на потрошувачите била голема, а тие нудат бројни попусти, особено во викенд акциите. Ред се чека и за редовно сервисирање на клима уредите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.