Повторно ќе се разгледува дали евтината струја ќе се укине или не. Извори за Сител велат дека и годинава ова прашање ќе биде дел од разговорите меѓу енергетските компании и Регулаторната комисија за енергетика. Но од РКЕ велат дека сеуште не добиле барање од компаниите за укинување на евтината тарифа.

Регулаторната комисија за енергетика до овој момент нема добиено барање од електроенергетските компании за укинување на ефтината тарифа. Доколку добиеме барање за укинување на ефтината тарифа веднаш ќе ја информираме јавноста од кого е поднесено барањето, и кои причини се наведени за укинувањето на ефтината тарифа, се вели во дописот од Регулаторната комисија.

Од граѓанските здруженија велат дека ако евентуално се отвори ова прашање, Регулаторна не смее да дозволи граѓаните да останат без оваа бенефиција.

Во меѓувреме енергетските компании ги подготвуваат и пресметките за трошоците и најдоцна до 15-ти мај треба да ги достават до РКЕ. Според информациите Мепсо ќе бара зголемување на цената за преносот на струја што ќе има влијание во пресметката на крајната цена. Уделот на компанијата во крајниот износ е 3 проценти.

ЕСМ пак следниот месец треба да достави нова цена на тендерот на ЕВН ХОУМ по која ќе ја продава произведената електрична енергија. Но гаранција дека на тендерот ќе биде откупена оваа струја нема, зашто може да се јават и трговци со пониска цена. Сепак од РКЕ уверуваат дека нема да дозволат да има ново поскапување.

Нова корекција на цената на струјата ќе има до крајот на јули, а до тогаш ќе се знае и дали евтната тарифа ќе остане.

Лани електричната енергија поскапе за 7,4 проценти на барање на државните енергетски компании, но Регулаторна одлучи да ја остави евтината струја која домаќинствата можат да ја користат два пати во денот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.