Најниската цена ќе се исфрли како најважен критериум при јавните набавки, што отвора огромна можност да се местат тендери.
Со новиот Закон за јавни набавки, кој власта го припрема цела година, наместо досегашната „најниска цена” , се воведува нов термин „економски најповолна понуда”, што ќе значи дека државните институции при евалурање на понудите на тендерите, освен преку цената ќе може да се водат и преку други критериуми за тоа кој ќе ја добие набавката.
Иако претходно беше најавувано дека законот ќе биде донесен до крајот на 2018 година, според извори на Лидер, новиот закон за јавни набавки треба да се најде пред пратениците во втората половина на јануари.
Она што е најважно е што се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Сведоци сме дека послаб квалитет или трошоци за поправки ја чинат државата многут повеќе – рече министерот за финансии Драган Тевдовски, додека го образложуваше предлог законот во ноември.
Со новиот Закон за јавни набавки се поедноставуваат постапките за јавни набавки со пониска вредност, преку воведување постапки за набавка, како набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка.
До сега беа детектирани бројни злоупотреби од власта, во кои наместо на тендер, набавки се давале во четири очи. Ова ќе ја продлабочи ситуацијата, затоа што ако се занемари најниската цена – на што институциите ќе имаат дискреционо право – излегува дека одредена комисија ќе може да одлучи кој да го добие тендерот врз база на сосем други параметри.
Новите правила отвораат можност за нови скандали при доделување на јавните набавки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.