Владата презема низа мерки за ублажување на ценовниот ефект од енергетската криза и од јануари догодина, нема да има значајно зголемување на цената на електричната енергија. Колку ќе изнесува цената на струјата по 1 јануари, ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика, според прикажаните биланси на енергетските компании. Во рамки на Програмата за поддршка на социјално загрозените категории во земјата, каде се вклучени околу 35 илјади семејства и девет илјади пензионери со пониски пензиски примања, предвидена е помош за енергенси, односно за електрична енергија од 1.000 денари месечно, за што во рамките на МТСП веќе има предвидено средства.
Покрај тоа, Министерството за економија во координација со МТСП и Светска банка разговара за соодветно дизајнирање дополнителни мерки во рамките на овој предвиден буџет – рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес конференција.
Тој додаде дека Владата постојано ги следи случувањата на европскиот енергетски пазар и како тоа се одразува врз цените, така ќе се креираат соодветни реакции. Потсети дека за зголемување на сопствено производство на струја, се направи дополнителна набавка на јаглен, а се вклучи во употреба и ТЕЦ Неготино.
Во буџетот за 2022 година предвидени се дополнителни 10 милиони евра за докапитализација на ЕСМ, а се проширува и програмата во опфатот за антикризни ковид и други кризи во земјата, за што се резервирани околу 90 милиони евра. Дополнително се предвидени 30 милиони евра во Програмата за зелен развој – рече Бесими во одговор на новинарско прашање.
Цената на чинење во овие домашни производни капацитети во оваа фаза, според него, е се уште пониска од цената на електрична енергија на светските пазари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.