Комисијата за хартии од вредност на 77-тата седница трајно ѝ ја одзема дозволата за работа за вршење услуги со хартии од вредност на на Еуростандард банка а.д. Скопје – Дирекција.

Комисијата ја донесе оваа одлука откако беше доставено известување и решение од НБРМ за укинување на дозволата за основање и работење и исполнување на условите за отворање на стечајна постапка на Евростандард Банка АД Скопје.

Поради овие ново настанати околности,  Комисијата за хартии од вредност ги задолжи Македонската Берза АД Скопје и Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје, Еуростандард Банка АД Скопје да ја исклучат од членство, така што Дирекцијата за услуги со хартии од вредност повеќе нема да врши услуги поврзани со работењето со хартии од вредност, односно нема да биде овластен учесник на пазарот на хартии од вредност, пишува во соопштението на КХВ.

Комисијата за хартии од вредност нагласува дека нашиот пазар на хартии од вредност  останува да биде стабилен, функционален и целосно ефикасен. Истовремено укажува дека трговските трансакции со хартии од вредност кои до укинувањето, односно одземањето на дозволата на банката биле склучени, ќе се реализираат во целост согласно важечките законски прописи и правила.

Клиентите кои услугите на пазарот на хартии од вредност ги остварувале преку Дирекцијата на Еуростандард Банка АД Скопје ќе можат да ги вршат преку другите овластени учесници на пазарот на хартии од вредност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.