Ќе бараат или не келерите документ за идентификација за да дозволат седење на четири лица на иста маса? Според новите протоколи за работа на угостителските објекти, во кои се дозволува послужување на четири лица на една маса со четири столици доколку се од исто семејство, останува недефинирано кој ќе утврдува дали лицата се семејство.

Според директорот на Државен пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, протоколите за работа на кафулињата и рестораните се донесени за да ги спроведуваат угостителите. Тие се одговорни да бараат лични карти на гостите и да ги спроведуваат мерките, и токму тие како правни лица ќе бидат предмет на контрола.

Дали има двајца или четворица на маса сигурно дека тоа е одговорност на оној кој што треба да ги спроведува протоколите, а тоа се оние кои вршат угостителска дејност. Келнерот, односно газдата на угостителскиот објект е тој кој што треба да ги спроведува протоколите. Инспекторите нема да ви побараат лична карта бидејќи инспекторите не бараат лична карта на физички лица. Ние вршиме контрола согласно законот за угостителска дејост кај угостителите, рече Пауновски во одговор на прашање како ќе се увиди дали гостите се од исто семејство или од различна група на луѓе.

За ова дури се смислиле и казни. Па, така персоналот ќе добие 10 дневна едукација која ја најави претседателката на Инспекциски совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, но, доколку се забележи дека и по едно укажување на угостител тој повторно прави прекршок, тогаш ќе се казни веднаш.

Од друга страна, пак, министерот за економија Крешник Бектеши потсети дека келнерите и остантиот персонал во угостителските објекти, не смеат да ги легитимираат гостите. Бектеши тврди дека согласно Законот за угостителска дејност нема одредба според која сопствениците, менаџерите и вработените во угостителските објекти имаат надлежност да ги легитимираат гостите.

Ние како Министерство за економија ќе пратиме писмо до до Комисијата за заразни болести, ако претходно имавме забелешки, сега и во пракса во првиот ден, откако се отворија угостителските објекти може да се види дека протоколот тешко се применува, и од страна на угостителите, и од страна на гостите. Секако, ќе бараме од Комисијата за заразни болести да ги преиспита овие одредби во протоколот за да нема заблуди и кај граѓаните, и кај угостителите, кажа Бектеши.

Додека надлежните како и по обичај си ја префрлаат топката на одговорност, кафулињата и рестораните веќе втор ден работат. Ни на гостите ни на персоналот уште не им е јасно дали прекршуваат некои од прописите. Да пијат или не кафе со маска, да се земат или не ако се само дечко и девојка?

В кафана ќе влегуваме со упатство за употреба, се смеат граѓаните.

Она што е јасно, келнер или сопственик на локал може да побара лична карта од лице само ако се сомнева дека станува збор за малолетник кој нарачува алкохол, во никој друг случај, а со овој протокол можат да се прекршат повеќе права на граѓаните.

Но, доколку, пак, на крај сепак ќе мора да се прикажуваат лични карти за едно кафе, се отвораат уште една низа други апсурности како: Што ако сте семејство со различни презимиња, што ако имате исти презимиња, но не живеете заедно, што ако сте семејство од пет лица итн итн.

На крајот, секако дека се остава на светста на граѓаните и вработените, но овој случај само ја докажува неспремноста и неспособноста на оние кои треба да нè водат. Трагедијата е што сега нивната глупост се плаќа со човечки животи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.