Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка продолжува со откривање на имињата на најголемите должници на банката. Грабежот во Еуростандард банка не е направен само од поединечни фирми кои земале кредити и никогаш не ги вратиле, веллат тие, туку се користеле и разни други иновативни методи за штетата да биде уште поголема, депозитите целосно покрадени, а притоа со обид и да се прикрие трагата на парите. Еден од начините којшто е доста присутен во органзираните криминални шеми во банката е случајот со делени кредити на поврзани фирми односно на групации на поврзани фирми.
Мулти офис дооел е фирма која е основана во март 2006 година, со непаричен влог од 5.100 евра, со 6 вработени и седиште во општина Карпош во Скопје. Фирмата е депонент на Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Слободан Ангеловски. Оваа фирма има земено кредит од околу 1.150.000 евра од Еуростандард банка и нема платено ниту една рата 408 дена пред затворањето на банката односно од 2019 година.
Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, фирми должници кои имаат спорни и сомнителни кредити, а кои се поврзани фирми со Мулти офис дооел, се водат под групацијата „Мулти офис“. Оваа групација должи близу 3.000.000 евра во Еуростандард банка или околу 3,7 отсто од вкупните побарувања на банката. Составена е од 5 поврзани фирми, и тоа: Мулти офис дооел, Печаторезница Тромак, Рент инвест дооел, Ом-там дооел и Ало ало ТП, сите со седиште во Скопје.
Првите три фирми се сопственост на едно исто лице, Слободан Ангеловски, сопственикот на Мулти офис дооел. Од билансите на фирмата, за Мулти офис дооел може да се увиди дека таа во годината кога е земен кредитот има долгови од близу 14.000.000 евра додека капиталот на фирмата е 4 пати помал, што значи фирмата била презадолжена за да добие кредит. Како и врз основа на што е даден милионски кредит во евра на оваа презадолжена фирма?
Втората фирма од истиот сопственик, Печаторезница Тромак, земала кредит од 250.000 евра на почеток од 2020 година и не платила ниту една рата. Оваа фирма нема дадено никакво обезбедување за земениот кредит, туку го искористила обезбедувањето на поврзаната фирма Мулти офис дооел, за која пак има запишано хипотека на станбен простор. Како е ова можно да еден ист инструмент на обезбедување е покритие за побарувања од два фирми?
Третата фирма од истиот сопственик, Рент Инвест дооел, земала кредит од 120.000 евра на основа на обична меница. Фирмата, која има еден вработен, нема платено ниту една рата 681 ден пред затворањето на банката односно неполни 2 години. Во 2018 година, тогаш кога е земен кредитот, оваа фирма имала 5.000 евра приход и скоро 30.000 евра загуба. Истовремено, долговите на фирмата биле околу 630.000 евра, што било 7 пати повеќе од капиталот на фирмата. Како оваа фирма земала кредит од 120.000 евра? Кој можел да го одобри и потпише овој ненаплатлив кредит?
Наредната поврзана фирма, Ом-там дооел, е сопственост и под управување на Анета Петровска. Оваа фирма има земено кредит од околу 840.000 евра и нема платено ниту една рата 438 дена пред затворање на банката односно од 2019 година. Фирмата има хипотека на станбен простор проценета на околу 185.000 евра, многукратно помала од земениот кредит. Како може фирма која имала годишни приходи од 20.000 до 40.000 евра и постојани загуби, чија задолженост е 180 отсто, да земе кредит од 840.000 евра, многукратно поголем од приходите и обезбедувањеето и да не плати ниту една рата со години? Од 2019 година фирмата нема никакви приходи и е деловно неактивна, односно таа е кандидат за затворање. Како е доделен овој кредит на фирма со вакви катастрофални перформанси и дадени наши пари во неповрат?
Оваа групација на поврзани фирми, предводена од Мулти офис дооел, е ултра криминален зафат сам по себе. Фактите за состојбата на поврзаните фирми покажуваат дека во Еуростандард банка не се бирале средства и начини за да се покрадат депозитите на граѓаните и фирмите. Тоа се правело со план и умисла, а со цел парите никогаш да не се вратат. И тоа сега, за оваа групација поврзани фирми, не чини нас депонентите покрадени близу 3.000.000 евра наши лични пари.
И уште нешто мошне важно. Минатата година во јавноста имаше жалби од над 200 семејства кои останале без сопствен дом за уплатен стан во зграда во близината на стадионот во општина Ѓорче Петров во Скопје. Неможеле да се вселат во становите за кои ја дале целата своја заштеда за да ги купат, а некои од нив земале и станбен кредит, па плаќале и кредит и кирија. Името на фирмата инвеститор на зградата е Мулти офис дооел, истата таа фирма односно групација на поврзани фирми од која сега се ограбени граѓаните и фирмите депоненти на Еуростандард банка.
Кругот се шири, штетата е многукратна, криминалот е огромен. Ова и не е единствена ваква трагична приказна која произлегува од масовниот грабеж на Еуростандард банка. Трагично е неодговарањето за овие малверзации и организиран криминал коишто се иницирани и спровдувани со години од луѓето на раководни позиции во банката. Несомнено, сето ова е нивно дело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.