Откако беа затворени на 13 март поради состојбата со коронавирусот, кафулињата и рестораните од денеска повторно почнуваат со работа. Отворени за гости ќе бидат само оние угостители кои располагаат со тераси, а на секоја маса ќе може да седат по максимум четири лица.

Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана предвидува дека работното време е ограничено од 8 часот до 22 часот. Поконкретно, ќе работат само отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.

Сите вработени кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце.

Се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице.

На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.

Според протоколот, дозволен е максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри.

На секоја маса треба да има дезинфекциско средство за раце, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена – често миење раце при прием и послужување на храна од страна на одговорно лице.

Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

Редовното одржување на тоалетите е исто така задолжително, со водење евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства. Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Организирање на прослави, свадби, родендени, крштевки, во оваа фаза на протоколот, е забрането.

За работата во затворените објекти и тие што немаат тераси пак, ќе се регулира во наредната фаза.

Угостителите кои денеска треба да ги отворат терасите велат дека мерките доследно ќе ги почитуваат, но сепак се надеваат на одредени измени.

Како што истакна вчера Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, потребно е да се направи подобра позиција за да имаат помали загуби.

Извесно е дека нема да заработуваме, но можеме да направиме подобра позиција за да имаме помали загуби ако има поразумни мерки, вели Ангеловски.

Според Стопанската комора на Македонија, времето ќе покаже дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите. Комората појаснува дека самото отворање на угостителските објекти е специфично од аспект на групирање на луѓето, што е една од главните препораки која не треба да се прави.

Ситуацијата не е сменета од минатата недела кога ја предочивме состојбата. Ќе видиме кој се ќе отвори. Едно е најава, друго е на терен. Во секој случај, времето ќе покаже дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите. Свесни сме дека во сите земји во регионот и пошироко угостителството и туризмот беа најпогодени. Од друга страна, отворањето на угостителските објекти е специфично од аспект на групирање на луѓето што е една од главните препораки која не треба да се прави, нагласуваат од Стопанската комора.

Поради коронавирусот, сите угостителски објекти во државата престанаа да работат на 13 март. Загубите, според проценките на секторот, се и ќе бидат огромни, а потребен ќе биде и подолг период за нивно целосно закрепнување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.