Мониторингот на јавните набавки во земјава покажува низа слабости кои укажуваат на договарање меѓу институциите и понудувачите, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кој денеска го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јануари до јуни 2021 година.
Според наодите од Извештајот, во првото полугодие од 2021, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра и тие слабости, како што наведува ЦГК, се присутни на тендерите кои ги спроведуваат институциите и на национално и на локално ниво.
Иако незадолжителна, електронската аукција била применета во 91 отсто од јавните набавки што упатува на тоа дека е-аукцијата се користи како механизам за манипулации и корупција. Честото совпаѓање на вредноста на доставените понуди со проценетата вредност на тендерите, која не е јавно објавена, упатува на претходно договарање меѓу институциите и понудувачите, информира ЦГП.
Посочувајќи ги клучните наоди од Извештајот, ЦГП соопшти дека постојат примери на нееднаков однос кон понудувачите, како и случаи на ограничување на конкуренцијата.
На секој четврти тендер е доставена една или ниту една понуда. Поништувањето на тендерите останува исклучително високо и изнесува 26 проценти, соопшти Центарот за граѓански комуникации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.