Централната банка, како професионална и независна институција дејствуваше соодветно за време на корона-кризата со мерки за поддршка, што придонесе за одржување на целокупната стабилност – истакна Пол Хилберс, извршен директор во Меѓународниот монетарен фонд за Конституенцата во којашто членува нашата земја. Тој додаде дека „тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, но неопходно е внимателно следење на инфлациските движења“.

Овие констатации беа дадени за време на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, на кои учествуваше тимот на Народната банка предводен од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска. Оваа година, како и минатата, средбите се одржуваат виртуелно поради пандемијата.

Извршниот директор Хилберс посочи и дека одржувањето на независноста на Народната банка е висок приоритет и дека ММФ ја цени стручноста и истрајноста на раководството и стручниот тим на Народната банка, особено во напорите да се надминат ефектите на корона-кризата.

Народната банка спроведе политики и неуморно работеше заедно со централните банки од Европската Унија за надминување на негативните ефекти предизвикани од корона-кризата. ММФ оддава особено признание за овие залагања. Професионалноста, стручноста и посветеноста се на највисоко ниво кога станува збор за одлуките што ги спроведува Народната банка. Исто така, даваме целосна поддршка за мерките на монетарната политика за одржување на макроекономската и финансиската стабилност – нагласи извршниот директор.

За време на состаноците, посебно внимание им беше посветено на најновите проекции на ММФ, што укажуваат на натамошно закрепнување на македонската економија, во услови на поволно надворешно опкружување, поголема доверба и стимулативните мерки од политиките. Проекциите укажуваат и на намалување на инфлациските притисоци и стабилна надворешна позиција на економијата.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека Народната банка внимателно ги следи економските случувања и потврди дека економските изгледи се во согласност со очекувањата на ММФ. Таа истакна дека со оглед на целокупната неизвесност предизвикана од пандемијата на ковид-19, Народната банка и понатаму внимателно ќе ги следи сите показатели, вклучително и движењето на цените и инфлациските очекувања. Централната банка е подготвена да реагира доколку е потребно.

Министерот Фатмир Бесими, кој го предводи тимот на Министерството за финансии, исто така учествуваше на Годишните средби на ММФ и Светската банка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.