Министерството за образование и наука информира дека денес е извршена исплата на средства за субвенциониран студентски оброк на 27.046 студенти корисници на ова право. Вкупно 17.484 од нив, кои го остварија правото при првиот рок од конкурсот објавен за оваа цел, ги добија средствата за месец ноември. Додека на 9.562 студенти кои го остварија ова право на вториот рок од конкурсот, исплатени им се средства за месеците октомври и ноември.

МОН потсетува и дека во периодот од 20ти до 30ти, односно 31ви во секој нареден месец, ќе биде отворена можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите оние студенти кои претходно не ги исполнувале условите, или од било какви причини не аплицирале.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.

МОН информира дека 657 студенти имаат доставено погрешни трансакциски сметки и истите треба да достават точни податоци за да се реализира исплатата, додека 356 апликации од вториот рок на повикот подлежат на проверка преку високообразовните установи околу статусот редовен студент на апликантите, по што за донесената одлука студентите ќе бидат известени преку порталот е-услуги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.