Инспекциските служби ќе добијат поголеми овластувања за да се влијае на намалување на ширење на корона вирусот. Ова го овозможуваат измените што ги усвои Владата на седница на Законот за заштита на население од заразни болести. Усвоените измени ги опфаќаат и висината на глобата на прекршителите, кои ќе варираат зависно од големината на правниот субјект.

Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на Ковид протоколите.

Претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска-Грашкоска информираше дека согласно согласно важечкиот закон за заштита на населението од заразни болести  за непочитување на протоколите досега само ДСЗИ  имаше овластувања да изрекува мерки, а останатите инспекциски служби можеа да поднесат кривична пријава за евентуално непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. 

Како што појасни таа, со новите законски измени, вакво овластување за изрекување на забрана за работа и изрекување прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, но и сите инспекциски служби на централно и локално ниво.

Секоја од овие инспекциски служби ќе врши надзор во сопственијот делокруг на работење така што ќе бидат опфатени сите релевантни субјекти, без разлика дали станува збор за угостителски објекти, превозници, производствени капацитети и слично – појасни Филиповска-Грашкоска.

Според новите имени, висината на глобите ќе варира од големината на правниот субјект.

Измените предвидуваат за микропретпријатие кое прекршило некој протокол да се изрече глоба од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност. За мало претпријатие е предвидена глоба од 5.500 до 6.000 евра. За средно претпријатие од 17.500 до 18.000 евра, а за големо претпријатие глоба во износ од 25 илјади до 30 илјади евра во денарска противвредност.

Предвидени се соодветни глоби и за одговорното лице на правното лице, кои се во различна висина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.