Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од инспекциски надзори од повеќе инспекциски служби во надлежност на Советот, за периодот од 9-13 април. Притоа за овие пет дена соопшти Филиповска-Грашкоска од страна на шест инспекторати се направени вкупно 1.319 надзори.

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 9-13 април направи 514 контроли од кои еден дел се однесуваат на работењето на угостителските објекти, а останатиот на контроли на замрзнатите цени на одредени производи. Притоа се затворени вкупно 5 угостителски објект сите во Скопје, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека угостителите ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатите пет дена интензивно ги контролираше и кафематите на бензинските пумпи и на други локации при што се забранети за употреба 60 кафемати во Скопје, Тетово, Битола и Куманово“, рече Филиповска-Грашкоска.

Претседателката на Инспекцискиот совет истакна дека инспекторите од пазарниот инспекторат се постојано на терен и ги контролираат малопродажните и големопродажните објекти. Констатацијата е дека поголемиот дел од трговците ги почитуваат одлуките за смрзнатите цени, а на оние кадешто е забележано зголемување им се наложува да ги вратат цените како на 11 март.

Филиповска-Грашкоска рече дека Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 9 до 13 април спроведе вкупно 162 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.

Притоа издаде вкупно 2 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна. Исто така издадени се и вкупно 19 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба, а изречена е и една глоба за пуштање во промет на производ со поминат рок, рече Филиповска-Грашкоска.

Претседателката Филиповска-Грашкоска истакна дека Државниот инспекторат за труд во периодот од 9-13 април реализираше вкупно 446 контроли при што се донесени 7 решенија и 9 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата. Поголемиот дел од овие надзор се поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни.
Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на вработените од КОВИД-19.

Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 9-13 април направи вкупно 85 надзори. Притоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95% и продолжува да се редуцира. Од направените контроли на автобуските станици во неколку градови низ државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50% намален капацитет, односно за преполовен број на патници. Меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин и нема постојан престој на граничните премини, рече Филиповска-Грашкоска.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, рече Филиповска-Грашкоска, во периодот од 9-13 април спроведе вкупно 77 надзори. Исто така, во овој период издадени се 179 дозволи на транспортери професионални возачи. Овие дозволи се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.

МАЛМЕД во периодот од овие пет дена изврши вкупно 35 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања. Секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број на лица во аптеките, а цените се согласно препораките и одлуките на Владата. Инспекторите на МАЛМЕД продолжуваат да ја следат состојбата секојдневно на терен.

Инспекциските служби со сите свои капацитети продолжуваат засилено да работат на терен. Нерегуларностите и непочитувањето на владините мерки и препораки најстрого ќе се санкционираат без исклучоци. Овие мерки се донесени со цел да се сочува јавното здравје и мора да се почитуваат. Апелирам за одговорност од секое правно лице, секој поединец бидејќи само така можеме да се избориме со ширењето на заразата, рече Филиповска-Грашкоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.