Килограм шеќер 44 денари, литар масло за јадење 95 денари. Цените на основните прехранбени производи растат со почетокот на оваа година. На крајот од третиот квартал Заводот за статистика и официјално потврди дека трошоците на живот во март во споредба со истиот месец лани се зголемени за 2,1 отсто, пишува „Порталб“.
Дел од трговците со увозна стока – пластика, кујнски производи, керамика велат дека не само цените на храната, допрва ќе растат и цените на другите производи.
Трошоците на живот растат…
Текстил, производи од пластика и од метал – голем број на увозни производи поскапуваат. Трговците велат дека изминатиот период се соочуваат со драстично повисоки цени на различен асортиман на производи кои ги увезуваат од Кина и од Турција.
Во продавницава сите цени ќе морам да ги зголемам. Пластични производи за во бања и за во кујна, порцелански производи, сè што увезував од Турција сега е со многу повисока цена. Ако не ги поскапам производите, треба да го затворам дуќанот – вели Елена, сопственичка на продавница во Скопје.
Слична е состојбата и во трговијата со текстил.
Увезувам текстилни производи од Кина и од Турција. Минатата недела кога правев нарачка, за истата сума што досега ја плаќав ми кажаа дека ќе добијам преполовена количина на производи што вообичаено ги увезувам – вели трговец со текстилни призводи.
Годинава е јасно дека почна со ценовен бран. Очекувањата се дека инфалцијата ќе се „подгрева“ поради повеќе фактори. Според најновата Анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП што ја прави Народната банка очекувањата за ценовен раст се во нагорна линија. Така, наместо прогнозираните 1,5% во претходната анкета, сега очекувањата се позиционирани на 1,8% за годинава и 1,9% за следната.
Испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања со следниве фактори: досегашните остварувања на стапката на инфлација, неизвесноста предизвикана од пандемијата на Ковид-19, повисоките цени на храната и енергијата, како и цените на увезените добра. Исто така, испитаниците сметаат дека постепеното надминување на кризата, монетарните и фискалните стимули, растот на домашната побарувачка, како и закрепнувањето на економијата би придонесле кон повисок раст на инфлацијата – се наведува во Анкетата.
Растот на цените веќе се чуствува во секојдневието.
За кратко време зејтинот поскапе многу. И другите основни призводи. Цените растат, а е криза – вели една наша сограѓанка.
Цени на мало март 21/20
Индустриски производи – 2,9%
Прехранбени производи – 1,5%
Услуги – 2,5%
Земјоделски производи – 1,0%
Во март во споредба со истиот месец лани цените на мало се зголемени за 2,6%. Ценовниот раст практично и значи и дека се зголемени трошоците на живот, односно дека живеачката станува поскапа. Позначаен раст на трошоците за живот во март се регистрани токму кај основните потреби.
Трошоци на живот март 2021/20
Масла и масти – 14,0%
Леб и жита – 1,6%
Зеленчук – 1,9%
Шеќер, џем, мед, чоколада – 2,3%
Кафе, чај, какао – 1,3%
Кај алкохолните пијалоци и тутун во март регистриран е пораст на трошоците за 4,3%, за домување, вода, електрика, гас и други горива за 4,5%, а за здравје трошоците во споредба со март лани се зголемени за 2,5%.
Подгревањето на инфлацијата започнува на крајот од минатата година и трендот се очекува да продолжи.
Во четвртиот квартал од 2020 година годишната стапка на инфлација умерено забрза и изнесуваше 2,2%. Инфлацијата во овој период е над очекуваната за кварталот во рамките на октомвриската проекција, а отстапувањето во најголем дел се поврзува со растот на прехранбената и енергетската компонента, додека движењето на базичната инфлација е во согласност со очекувањата. За целата 2020 година, годишната стапка на инфлација е согласно со очекувањата и изнесува 1,2% – наведуваат од Народната банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.