Дозволете да соопштам план како владата може да стигне до една милијарда евра свежи пари за да граѓаните и бизнисот не ја почувствуваат кризата, рече на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Покрај тие 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и Странските банки, дополнително може да се обезбедат околу 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде министерството за финансии, имено пасивниот капитал да се претвори во актива. Тековно, банките на сметки во НБРМ имаат огромна ликвидност и дополнително од тоа, имаат 25 милијарди денари во благајнички записи (тоа е околу 420 милиони евра). Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната Банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем, но и кога има вишок на ликвидност во вкупната економија, за да не се креираат притисоци врз инфлацијата. Банките секој месец ги запишуваат во Народната Банка и ова се на еден начин замрзнати или пари како што велат економистите надвор од економијата, предложи Мицкоски.
Додаде дека во услови кога општата ликвидност на економијата е загрозена, парите не циркулираат во економијата, овие средства во едномесечни хартии од вредност од централната банка треба да се пренасочат во државни хартии од вредност кој што ќе ги издаде државата преку министерството за финансии и затоа бараме веднаш аукција на државата за собирање на оваа ликвидност која што се цени околу 420 милиони евра.
Кога овие средства ќе ги додадеме на оние веќе 600 милиони евра коишто планираме да ги позајмиме доаѓаме до бројката од 1 милијарда, бројка која што е доволна за да граѓаните и стопанството првиот бран од кризата не го почувствуваат негативно. Овие средства од 420 милиони евра да се стават на располагање како фонд на Македонска банка за поддршка и развој за директна поддршка на приватниот сектор, особено на микро, малите и средни претпријатија за да ја надминат својата неликвидност. Ова се значајни средства – 420 милиони евра кои ќе имаат влијание врз ликвидноста во економијата – ќе се вратат во буџетот како приливи од даноци, ќе се вратат во банкарски систем преку отплата на кредити и рати од страна на приватниот сектор итн, рече Мицкоски на прес-конференцијата и уште еднаш повика власта да ја прифати подадената рака за помош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.