Асоцијацијата на организатори на настани (ИВАП) денеска преку соопштение до медиумите јавно се пожали дека се доведени во крајно незавидна и тешка состојба, а помош од Владата не добиле.

Веќе една година секторот не работи или работи делумно, со крајно ограничувачки фактори и економски неисплатливи проекти. Тоа значи дека компаниите и вработените се оставени без основна можност за приход или заработка за живот. Се обидовме да бидеме конструктивни, да не придонесуваме за ширење на заразата, не вршевме притисок врз вас и имавме разбирање за ситуацијата во која сите се наоѓаме. За жал, не го добивме истиот пристап и од Ваша страна. Ни го ограничивте основното човечко право да работиме и да заработуваме, а притоа на ниту еден начин несе обидовте да ни помогнете. Донесовте пакет мерки кој го наменивте за нас. Тој пакет мерки ниту е ставен во функција ниту ќе придонесе за олеснување на нашата тешка состојба, пишуваат од Асоцијацијата ИВАП.

Оттаму му порачуваат на премиерот Зоран Заев дека трпението им е пред крај и дека немаат друг избор освен да се борат за нивните компании, за нивната егзистенција и за нивните колеги и побараа средба со него или со некој од министрите за да се изнајде решение.

Очекуваме средба најдоцна до 29 март оваа година. Доколку не бидеме повикани и доколку итно не се најде решение, ќе бидеме присилени да го искористиме нашето право решенијата да ги бараме на поинаков, за жал, радикален начин. Искрено ве замолуваме да не нé терате нашата едногодишна тишина да ја претвориме во голема врева, која нема да престане сѐ додека не се исполнат нашите барања, се наведува во обраќањето од Асоцијацијата ИВАП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.