Ситуацијата наметната со коронавирусот и можноста македонските државјани да патуваат без какви било ограничувања само во соседна Република Албанија го зголеми бројот на возила на граничните премини „Свети Наум“ кај Охрид и „Ќафасан“ кај Струга.
Но, тоа што е карактеристично и за двата патни правци е тоа што коловозите на магистралните патишта до државната граница се во катастрофална состојба. Асфалтот на патниот правец некаде од селото Франгово па натаму до самиот граничен премин „Ќафасан“ практично се распаѓа. Невозможно е нормално да се управува со возило, брзината мора да се намали помалку од дозволеното и да се вози слалом низ оштетувањата и дупките. На некои места има такви места на коловозот, од дупки или набран асфалт од тешки возила што доколку на нив се наиде со брзина определена според сигнализацијата тоа значи оштетување на возилото, во најдобар случај само на пневматиците.
Ситуацијата е слична и на магистралниот превец кон Свети Наум, на потегот по автокампот „Градиште“, каде асфалтот не е обновен, освен некои повремени крпења на ударни дупки. Да биде состојбата уште понезгодна, станува збор за коловоз што наместа е широк само пет метри. Инаку, кога станува збор за состојбата на тој патен правец, коловозот е нерамен, тампонираниот дел од под асфалтот наместа е пропаднат што резултира со големи длапки на патот, асфалтниот слој е доста оштетен и зрел за реконструкција.
Ни на тој патен правец не е препорачливо да се вози со утврдената брзина, за да се има простор и време да се реагира за да не дојде до оштетување на возилото на одредени места каде разминувањето возила е тешко и без дупките на коловозот.
Коловозот воопшто не е обележан, линииите на асфалтот се избледени, банкините оштетени, заштитните огради дотраени. Особено е тешко да се вози ноќе, во услови на дожд кога не може да се распознае коловозот од околината. Воопшто нема столпчиња со соодветни осветлувачки ознаки покрај патот така што возењето е исклучително тешко и пред сѐ, опасно.
Состојбата со коловозите на другата страна од границата е драстично подобра, албанските патишта се понови, пошироки, со понова сигнализација и добро одбележани, како на самиот коловоз така и покрај патот. Она што е можеби и најважно, постојано и редовно се одржуваат.
Многупати беше најавувано дека ќе се спроведе реконструкција и на двата патни правца, децении независно која гарнитура беше на власт. Последното такво ветување барем за патниот правец кон „Ќафасан“ го даде премиерот Зоран Заев пред точно една година, во изјавата пред медиумите дадена по повод отворањето на новозградениот царински терминал на преминот.Сепак, тајвата изјава воопшто не резултира со излегување на терен и почнување да се работи на обнова на овој важен патен правец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.