Во изминативе две и пол години во државава имаше тешки политички теми за решавање, па бројките во економијата не беа доминантни, иако се одлични, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во вечерашното интервју на МРТВ.
За странските директни инвестиции во периодот од 2017 до 2019 година има 741 милион евра, во периодот од 2015 до 2017 има 550 милиони во периодот од 2013 до 2015 има 450 милиони евра. Или во последниве 2 години има 33,5% повеќе од претходните две и 62,1% од првите две години.Во периодот од 2013 до 2015 има 7 потпишани договори и 6 пуштени фабрики, од 2015 до 2017 има 7 потпишани договори. Во периодот од 2017 до 2019 г. има 22 потпишани договори и 12 пуштени фабрики, изјави Анѓушев.
Вицепремиерот истакна дека позитивниот тренд од креираните економски политики се гледа и низ бројките во индустриското производство каде во периодот од 2013 до 2015 индустриското производство паднало 5,6%, за од 2015 до 2017 година да има раст од 3,29% и во периодот од 2017 до 2019 да се искачи на 8,87%.
Во иднина очекувам да се држи овој курс на поддршка на конкурентноста, кој го обезбедивме преку Законот за финансиска поддршка. Бидејќи ние не им дадовме на компаниите априори пари, па тие да ги трошат, ние само ги стимулиравме да инвестираат во нова технологија, а ние им вративме 10% ако се домашно ориентирани и 20% ако се извозно ориентирани. Тоа е една солидна помош за компаниите за тие да инвестираат во нова технологија и опрема. Зошто е тоа важно? Затоа што само со нова технологија и нова опрема тие можат да станат продуктивни, а продуктивноста е основна компонента за да бидат конкурентни и да настапуваат на светскиот пазар. Македонска индустрија, без да е извозно ориентирана, тоа практично е невозможно, истакна Анѓушев.
Анѓушев најави и три нови странски инвестиции.
Една од новите инвестции што ќе се реализра е Локотранс, а договорот помина вчера на Влада и ќе биде надвор од ТИРЗ, ќе прави фабрика за шински возила. Втората компанија е од ИТ секторот од Бугарија и третата е Дура, која дефинитивно реши да инвестира со две нови фабрики. Овие производствени капацитети Дура планираше да ги направи во Чешка, а се за екструзија за алуминимумски профили за автомобилска индустрија и за шасии за автомобили каде што ќе бидат имплементирани батерии за електрични возила. Тоа се инвестиции над 100 милиони евра, изјави Анѓушев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.